Прв час за курсистите по руски јазик

Денес во Скопје во Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ беше одржан првиот свечен час од бесплатните курсеви по руски јазик во организација на Рускиот центар при УКИМ.

Во просториите на Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје на 21.10.2016 година во 11 часот беше одржан првиот свечен час од првиот турнус на бесплатните часови по руски јазик што ги организира Рускиот центар при УКИМ.

На настанот на курсистите им се обратија ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ проф. д-р Никола Јанкуловски и амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија н.е. Олег Николаевич Шчербак.

Во своето обраќање ректорот Јанкуловски го изрази своето задоволство од големата заинтересираност за изучување на рускиот јазик и уште еднаш ја истакна својата безрезервна поддршка за работата на Рускиот центар при УКИМ. „ Овој јазик на кој зборувале и твореле голем број писатели, научници, мислители, кој претставува ризница на светската култура, јазик со кој комуницира голем дел од светот и навистина заслужува олку голем број курсисти“, истакна Јанкуловски.

Амбасадорот на РФ во РМ Олег Шчербак, пак, во големата заинтересираност за курсевите гледа позитивен знак и вистинска заинтересираност на македонските граѓани за подобро запознавање не само со рускиот јазик, ами и со неговата култура, традиција, но и со современите тенденции. „Треба да истакнеме дека освен тоа што рускиот јазик е јазик на кој твореле големи имиња како што се Достоевски и Толстој, тој е и јазик на науката, но и на бизнисот, јазик на кој зборуваат над 300 милиони луѓе во светот“. Тој на курсистите им посака плодна работа и им посака успех во откривањето на тајните на рускиот јазик.

Поради големата заинтересираност и желбата да се одговори на сите безмалку 1.000 пријавени, Рускиот центар при УКИМ бесплатните курсеви ќе ги спроведе во три турнуса до крајот на академската 2016/2017 година.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња