Унгарија ќе земе кредит од Русија за АЕС „Пакш“ по проверката од ЕК

Унгарија ќе може да земе руски кредит од 10 милијарди евра во рамките на финансирањето на проширувањето на атомската централа „Пакш“ откако Европската комисија (ЕК) ќе ги заврши сите проверки поврзани со државната поддршка на изградбата, изјави ополномоштениот на унгарската влада за проширување на АЕЦ „Пакш“ Атила Асоди.

„Во моментов Европската комисија врши две проверки. Едната од нив се однесува на прашањето за државната поддршка, втората се однесува на државните набавки. Паузата е предизвикана поради проверката на прашањето за државната поддршка во согласност со законодавството на ЕУ“, изјави тој за весникот „Маѓар идек“, пренесува „Взгљад“.

Според него, „рускиот кредит од 10 милијарди евра може да се добие единствено по завршувањето на оваа проверка“. „Ние треба едноставно да почекаме додека ЕК не донесе конечно решение за ова прашање, по што детално ќе ја разгледаме неговата содржина“, истакна Асоди.

Еден од најголемите инвеститори од Русија во Унгарија е „Росатом“.

Русија и Унгарија се договорија за изградба на нови блокови уште во јануари 2014 година. За реализација на проектот Русија ќе ѝ даде на Унгарија кредит во износ до 10 милијарди евра. Вкупните инвестиции за изградба на два нови енергетски блока во „Пакш“ не надминуваат 12,5 милијарди евра.

АЕЦ „Пакш“ е единствената активна атомска централа во Унгарија, изградена според советски проект. Произведува повеќе од 40% од вкупната електрична енергија што се произведува во земјата.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња