Генерал на НАТО: Путин може „за час“ да му објави војна на НАТО

Владимир Путин ја подготви руската војска за „молневито“ заземање на Источна Европа, предупредува генералот Ричард Ширеф кој претходно беше заменик на Врховниот командант на здружените Вооружени сили на НАТО во Европа. Како што соопштува „Експрес“, Ширеф инсистира членките на НАТО да ја зајакнат одбраната со значително зголемување на своето присуство во Полска.

Владимир Путин ја подготви руската војска за „молневито“ заземање на Источна Европа, по што ќе почне деструктивен конфликт од глобални размери. Ако членките на НАТО не одговорат на оваа закана, последиците од конфликтот ќе бидат „фатални“ за Алијансата, предупредува британскиот весник „Експрес“ повикувајќи се на генералот Ричард Ширеф, поранешен заменик на Врховниот командант на здружените Вооружени сили на НАТО во Европа.

Според Ширеф, последниве година и половина Русија станала уште поагресивна на воен план, зашто претседателот Путин се обидува да го одвлече вниманието од економските проблеми на земјата. Без оглед на санкциите на Западот, руската армија сѐ уште може да се смета за застрашувачка. „Очигледно е дека Русија е способна да го изненади Западот... можно е, со деструктивни последици за Источна Полска и фатални за самата Алијанса“, предупредува генералот во извештајот под наслов „Вооружување заради одвраќање“ (Arming for Deterrence) доставен до аналитичкиот центар „Атлантски совет“.

Во својот извештај Ширеф исто така тврди дека Владимир Путин со леснотија  може „да смисли секаков изговор кој ќе влезе во неговото пропагандистичко гледиште“ за да ја оправда војната со Западот. На пример, Москва може да навлезе во Полска за „да спречи напад на НАТО“ или за „заштита на приодот до Калининград“, предупредува генералот.

„Дури и ако Москва сега нема итна намера да го предизвика директно НАТО, тоа може неочекувано и за миг да се промени“, пишува генералот. Тој признава дека Русија веќе има подготвени планови и потенцијал за нивна реализација.

Најголемата закана за НАТО, според генералот, денеска претставува погрешната пресметка од страна на Русија дека таа може да ја надигра Алијансата ставајќи ја пред свршен чин на територијата на НАТО. Русија мисли дека има значителна предност во време во однос на Алијансата и дека сојузниците нема да го претворат локалниот конфликт во поширок. Покрај тоа, останува опасноста дека западните лидери можат погрешно да ја сфатат Русија, сметајќи дека таа ќе игра според правилата.

Извештајот на Ширеф презентира „ужасна“ слика за тоа како Русија може „за час“ да му објави војна на НАТО. Според неговите пресметки, руските сили можат да навлезат во Полска и брзо да ги отсечат балтичките земји од Алијансата. Впрочем, постои силен сомнеж дека сето тоа може да биде само изговор за префрлање на војниците со кои силите на Алијансата нема да успеат да држат чекор. Така Русија може да ги претвори планираните или ненадејните воени вежби во операција против една или сите балтички земји.

Како единствен начин за одвраќање на Путин од „искушението“ да ја претвори Источна Европа во зона на конфликт Ширеф предлага значително зголемување на силите во Полска. „Членките на НАТО не трошат доволно средства за одбрана за да го обноват дијапазонот на можности неопходни за одвраќање на закрепнатата и агресивна Русија“, заклучува генералот Ширеф.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња