Медиум: руските ВКС извршиле удари врз база што ја користат САД во Сирија

Руските Воздушно-космички сили во четвртокот, 16 јули, нанеле воздушни удари врз база на бунтовниците на југоистокот на Сирија која американските и британските специјални сили ја користат, пишува „Вол Стрит Џурнал“ повикувајќи се на извори во Пентагон и Белата куќа.

Станува збор за таен гарнизон во населеното место Ат-Танф во близина на границата со Јордан. Американските и британските специјалци ја користат таа база за координација со силите на сириската опозиција со цел заштита на Јордан од „Исламската држава“, пишува „Вол Стрит Џурнал“.

Според информациите на изворите, на 16 јули руските ВКС исфрлиле врз базата во Ат-Танф касетни бомби. Потоа Централната команда на силите на САД во Катар се поврзала со руските колеги во сириска Латакија и ги информирале дека базата е дел од силите на САД и не треба да биде цел на напади.

Меѓутоа, како што изјавуваат изворите, по приближно час и половина руските авиони започнале втор бран удари врз базата. Претставниците на САД се обиделе да се поврзат со руските пилоти, но не добиле одговор.

Според информациите на изворите, четири бунтовници биле убиени во нападите.

Како што се тврди, руската страна изјавила дека ВКС навистина нанеле воздушни удари врз базата, меѓутоа сметале дека тоа се позиции на ИД: Од своја страна, војската и разузнавањето на САД го отфрлиле ова објаснување изјавувајќи дека базата не припаѓа на ИД поради фортификациите карактеристични за американските и британските бази.

Како одговор на тоа руската страна соопштила дека ударите биле претходно одобрени од Јорданците, меѓутоа претставниците на САД го отфрлиле и ова тврдење, изјавувајќи дека Аман не ја потврдува наведената информација. Подоцна руската војска соопштила дека не можела да ги откаже ударите, затоа што Вашингтон не доставил до Москва точни координати за базата.

Изворите на изданието ги оценуваат воздушните удари врз базата во Ат-Танф како притисок од страна на Москва врз администрацијата на Барак Обама со цел да се натера Вашингтон на потесна соработка со Русија на небото над Сирија.

Кремљ не е информиран за наведените воздушни удари. Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека не може да ги коментира наведените информации од весниците и го адресираше прашањето до Министерството за одбрана на РФ, пренесува РИА „Новости“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња