Москва подига споменик и отвора спомен-дом на Александар Солженицин

На стогодишнината од раѓањето на александар Солженицин во рускиот главен град, во улицата која го носи неговото име, ќе биде откриен споменик посветен на овој книжевен великан, а се планира и отворање спомен-дом во Тверската улица.

Во Русија во 2018 година ќе биде одбележана стогодишнината од раѓањето на познатиот писател и дисидент, добитник на Нобеловата награда за книжевност, Александар Солженицин. Во годината на Солженицин ќе биде откриен споменик на една од најзначајните фигури на 20 век, а организацискиот комитет на прославата разгледува и отворање на спомен-дом во Тверската улица во Москва.

Споменикот на писателот на едно од најзначајните дела од минатиот век „Архипелагот Гулаг“ и новелата „Еден ден од животот на Иван Денисович“ ќе се наоѓа на плоштадот во улицата која го носи неговото име, меѓу броевите 11 и 13.

„Александар никогаш не беше пријавен во Москва, нему му беше забрането да живее во главниот град“, нагласи Наталија Солженицина, вдовицата на покојниот писател.

„Пред егзилот живеевме во стан во Тверската улица, тука се родија нашите синови. Тој стан е единственото место каде што се сочувани меморијални предмети, место кое заслужува да стане музеј на писателот“.

Таа изјави дека во моментов работи на подготовка на изложба на ракописи на писателот која ќе биде претставена во три европски градови - Лондон, Берлин и Париз. Исто така таа навести и отворање на музеј во државата Вермонт во САД.

„Во државата Вермонт во САД, во гратчето Кевендиш во кое живеевме во егзил неколку вистински ентузијасти сакаат во една напуштена црква да отворат музеј посветен на Солженицин. Идејата е одлична, меѓутоа, проектот би можел да потрае неколку години, зашто  ова е многу сиромашна држава, а во градот живеата севкупно 1300 жители“, нагласи Наталија Солженицина. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња