Ердоган сака да се смири со Русија, но не знае како

Причината за кризата во односите меѓу Русија и Турција Ердоган ја нарече „грешка на пилотот“.

Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган изјави дека сака да ги подобри односите со Русија, меѓутоа „не разбира каков имено прв чекор“ очекува Москва од Анкара. Турскиот лидер изрази загриженост дека односите меѓу двете земји биле „жртвувани“ по инцидентот откако турските воздухопловни сили го соборија рускиот авион. Притоа тој го нарече инцидентот како резултат на „грешка на пилотот“, без да прецизира дали е грешката на рускиот пилот, според Анкара, кој го прекршил воздушниот простор на Турција, или на  турскиот, кој „по грешка“ го собори рускиот бомбардер.

Зборувајќи пред новинарите на аеродромот во Измир пред да замине на тридневна африканска турнеја, претседателот на Турција се осврна на прашањето на односите со Русија.

„Со господинот Путин бевме пријатели, и кога поради пилотот кој направи грешка, или поради некоја друга причина се жртвува толку важен партнер како Турција, тоа ве тера да се замислите“, изјави турскиот лидер.

„Посакувам што побрзо да го надминеме тој проблем“, повика Ердоган обраќајќи се до Москва.

Претходно министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу предложи создавање на заедничка работна група за изнаоѓање излез од кризата која настана по инцидентот со соборувањето на рускиот авион во Сирија. Како одговор на тоа, портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека „никаква работна група не е во состојба да го реши постојниот проблем“ сѐ додека Анкара не ги исполни клучните барања на руската страна, пишува „Комерсант“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња