Странските инвеститори откупија 70% од руските еврообврзници

„И покрај неофицијалниот притисок што беше вршен врз некои елементи на инфраструктурата на глобалниот финансиски пазар, побарувачката од страна на странските инвеститори од различни региони на светот покажа високо ниво на доверба спрема Русија како емитер, како и спрема инфраструктурата на рускиот финансиски пазар“, изјави рускиот министер за финансии Антон Силуанов.

Странските инвеститори откупија повеќе од 70% од издадените десетгодишни еврообврзници на Русија, соопшти министерот за финансии на РФ Антон Силуанов.

„Русија успешно емитираше десетгодишни еврообврзници во вредност од 1,75 милијарди долари со каматна стапка од 4,75% годишно. Вкупната вредност на книгата со налози беше околу 7 милијарди долари. Над 70% беа странски инвеститори. Токму на оваа група се ориентиравме. И покрај обидите на странските инвеститори да им се скрати можноста да вложуваат во руските обврзници, обемот и квалитетот на нивните понуди беше на високо ниво. Ние сме задоволни со постигнатото“, изјави Силуанов.

„И покрај неформалниот притисок што беше вршен врз некои елементи на инфраструктурата на светскиот финансиски пазар, побарувачката од страна на странските инвеститори од различни региони на светот покажа високо ниво на доверба спрема Русија како емитер, како и спрема руската инфраструктура на финансискиот пазар. Во иднина поинтензивно ќе ја користиме токму својата инфраструктура“, изјави рускиот министер за финансии, пренесува „Взгљад”.

„Притоа треба да се има предвид дека неофицијалниот притисок предизвикува директна финансиска загуба кај многу инвеститори и сериозно го доведува во прашање нивото на ризик на инфраструктура која вообичаено се користи, за што сите учесници во глобалниот финансиски систем треба да бидат свесни“, додаде министерот.

Во вторникот анонимен извор соопшти дека Русија објавува десетгодишни еврообврзници во вредност од 1,75 милијарди долари со каматна стапка од 4,75% на годишно ниво. Друг извор соопшти дека побарувачката за десетгодишните еврообврзници на Русија достигнала 6,3 милијарди долари.

Подоцна беше објавено дека странските инвеститори откупиле околу 75% од објавените еврообврзници на Русија за 1,3 милијарди долари - меѓу купувачите се банки од целиот свет.

Портпаролот на Стејт департментот Марк Тонер претходно изјави, коментирајќи го емитувањето на руските еврообврзници, дека бизнисот со Русија е „рискантен“ сѐ додека се на сила санкциите поврзани со ситуацијата во Украина.

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња