Русија ги одложува нападите против терористите во Сирија

Министерството за одбрана го одлага нанесувањето воздушни удари врз позициите на милитантите во Сирија додека не заврши одвојувањето на низа вооружени формации од групата „Џебхат ан-Нусра“, изјави портпаролот на воениот ресор Игор Конашенков.

Според генерал-мајор Конашенков, во текот на изминатите неколку дена рускиот центар за помирување во Сирија добил околу десетина повици од раководства на вооружени формации во различни области, пред сѐ во Алепо и Дамаск, со барање да не вршат воздушни напади до завршување на раздвојувањето, пишува „Взгљад“.

„Згора на тоа, некои од нив се подготвени да ги дадат координатите и границите на областите под нивна контрола по целосното истиснување на терористите и идното отстранување на провокативни гранатирања од овие области врз сириските населени места и позициите на владините сили“, рече Конашенков.

„Со оглед на ова, донесена е одлука за продолжување на работата со одделни вооружени формации за нивно приклучување на прекинот на борбените дејствија, одвојување од терористите и прецизно дефинирање на областите што се под нивна контрола до почетокот на нападите врз позициите на милитантите“, додаде генералот.

Во понеделникот Министерството за одбрана на Русија апелираше за воведување 72-часовен „режим на тишина“ што би почнал од вторникот во областите Источна Гута и Дарај.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња