„Убеден сум дека Холанѓаните ќе гласаат „за“. Пренесете го ова на каналот „Русија“ (Россия)”, со насмевка на Џоконда деновиве изјави Климкин, тргајќи го настрана од себе синиот микрофон на руската телевизија.
Во целост ја поддржувам оваа молба на министерот за надворешни работи на Украина. Е па, Холанѓани, држете се! Сега Киев, „Литванија и цела Европа”, како што се изрази Грибаускајте во специјалното обраќање до украинскиот народ по повод резултатите од референдумот, ќе ви помогнат да го надминете ова со првите зраци на мугрите.
Веќе почна.
„Би сакал да ги потсетам сите дека вистинската цел на организаторите на референдумот не е Спогодбата за асоцијација меѓу Украина и Европската унија. Не, тоа е напад врз единството на Европа, напад врз ширењето на европските вредности. За тоа сведочи и дискусијата што се водеше пред референдумот“, изјави Порошенко.
Напад врз единството на Европа? Кој му ги пишува сите тие изјави? Ми се чини дека тие немаат поим за границите меѓу кои се протега европскиот континент? Затоа што самата изјава е генијална и ќе ја користам на своите брифинзи. Затоа што, најпосле, ако се зборува за „напад врз единството на Европа“, тогаш не треба да се зборува за холандскиот референдум, туку за истиснувањето на Русија од политичкиот и економски простор на нашиот заеднички континент, за одбивањето да се поврзат интегративните механизми, за расколот на Европа по прашањето на миграциите, за појавата на границите и подигањето ѕидови таму каде пред 10-15 години ги демонтираа. Тоа е вистинскиот „напад врз единството на континентот”. Ако има уште некој обрнува внимание на толку ситни противречности во говорите на младодемократите од редовите на украинската олигархија.
И како по наредба хорот од украински момчиња и девојчиња ја запеа трагично-агресивната кантата „Референдумот имаше карактер на препорака”.
„Значи, сега се на ред владата, парламентот и политичарите на Холандија. Уверен сум дека стратешки овој настан не претставува пречка на патот на Украина во Европа“, одговори претседателот на Украина.
Очигледно, од гледиштето на Киев, „стратешките” референдуми „не се пречка” на патот за било што кон било каде. Мислењето на народот? Ама кому му треба тоа, тоа се само остатоци од античката демократија! Во 21 век Украина двапати брилијантно го покажа „стратешкото” значење на исклучително националистички настроените екстремисти со Молотови коктели и палки кои во вистинскиот момент можат да се насочат во саканиот правец и на тој начин да ја покажат неприкосновеноста на народната волја.
И уште еднаш Порошенко е теоретски во право: Владата на Холандија сега ќе мора да му покаже на целиот свет „дека на светот постои“ демократија и „зошто ѝ се восхитуваат луѓето“.
Завршните акорди на коментарот на украинскиот претседател ме разнежија дури и мене: „Сакам одговорно да изјавам дека и покрај тоа Украина продолжува да ја спроведува Спогодбата за асоцијација, дека ќе обезбеди создавање на длабинска и сеопфатна зона за слободна трговија со Европската унија, затоа што тоа е патот кон модернизацијата на украинската држава и јакнењето на нејзината независност“. Тоа по малку потсетува на римејкот на „Интернационалата“, која 30 години беше химна на Украинската Советска Социјалистичка Република, за тоа дека „ова е нашата последна решавачка битка“.
Приказната за „холандскиот референдум“ не е готова. Таа е многу поголема отколку што се чини на прв поглед. Тоа е приказна за тоа колку суштински и внимателно чуваните принципи на демократското уредување можат или не можат да функционираат во моменти кои се од пресудна важност за развој на земјата и на континентот. За тоа дека изборот 60% од 30% го сочинува нешто повеќе од 15% население и дали таа одлука може да се смета за вистинска волја на народот. За тоа дали може државата да се смета за вистински демократска ако 70% население не учествува во одлучувањето за принципиелно важни прашања за развој на земјата. За тоа како на политичките институции и демократските механизми влијаат информатичките технологии. За тоа кои референдуми можат да се сметаат за вистински легитимни.
Од гледна точка на политикологијата и проучувањето на меѓународните односи, ова е исклучително интересен момент. Единствено што предизвикува жалење е што овој експеримент се врши без анестезија врз живото тело на украинскиот народ.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче