Исламското терористичко подземје преку терористичките напади на аеродромот и во метрото во Брисел испраќа неколку пораки до меѓународната заедница, смета аналитичарот на рускиот весник „Комерсант” Максим Јусин.
Според неговото мислење, првата порака би можела да се формулира на следниов начин: „Вие не сте во состојба да нѐ победите и обезглавите.” Кон крајот на минатата недела, имено, белгиските специјални служби спроведоа успешна операција за апсење на организаторот на терористичките напади во Париз во ноември минатата година Салах Абдесалам, кого Европа го доживува како симбол на новиот бран терор. Се чинеше дека џихадистите се привремено неутрализирани и дека нема да можат бро да закрепнат од таквиот удар. Меѓутоа, излезе дека не е така. Терористичкиот напад е намерно организиран токму во Брисел, што значи дека ликвидираната терористичка ќелија не е единствената и дека можат да следат и нови напади, пишува Јусин.
Втората порака која терористите сакаат да им ја испратат на Европејците, смета Јусин, е дека сите мерки на безбедност кои се применувани од властите се неефикасни и дека „воините на џихадот“ се посилни, дека во целост ја имаат иницијативата и дека се секогаш барем за еден чекор понапред од специјалните служби. „Никој и ништо не може да ви помогне. Влеговте во војна во која не можете да победите. Сепак ние сме победниците. Затоа што вие се плашите од смртта, а ние не. Оваа порака терористите сакаат да им ја испратат на Европејците“, пишува Јусин.
Терористите исто така сакаат да им порачат на Европејците дека успесите на меѓународните сили во борбата против „Исламската држава”, кои се постигнати последниве месеци во Сирија и Ирак, никако не влијаат ни на привлечноста на идејата за светски џихад, ниту на борбената способност на групите кои дејствуваат во Европа, смета аналитичарот. Тие имаат и сила, и средства, и пари, и решителност да ја продолжат оваа борба.
„Како треба на тоа да реагира Европа и целиот цивилизиран свет, вклучувајќи ја и Русија? Единствената можна реакција е да живееме како што живеевме, да не дозволиме да нѐ скршат, да продолжиме да патуваме со авиони, да одиме во ресторани и на натпревари. Затоа што единствената алтернатива би била беспоговорна капитулација пред фанатиците кои постојано ќе поставуваат нови барања и сепак нема да запрат“, се наведува во статијата.
„Но тоа не е причина да ја прекинеме борбата против непријателот кој на сите ни објави војна. Непријателот е моќен, бескрупулозен и непринципиелен. Но во оваа војна сепак нема да победи“, пишува Јусин.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче