Медиум: Русија и Саудиска Арабија ќе разговараат за нафтата

Медиумите соопштија дека во вторник во Доха, Катар, претставници на Русија, Саудиска Арабија и Венецуела ќе разговараат за ситуацијата со нафтата.

Министерот за енергетика на Русија Александар Новак ќе разговара во вторник, 16 февруари, за ситуацијата на пазарот на нафта со министерот за нафта и минерални ресурси на Саудиска Арабија Али бен Ибрахим ал-Наими. Ова во понеделникот го соопшти агенцијата „Блумерг“ повикувајќи се на добро информиран извор.

Неофицијалната средба треба да се одржи во главниот град на Катар Доха. На средбата ќе земат учество и претставници на Венецуела.

Нема потврда за наведената информација, меѓутоа телевизијата „Си-Ен-Би-Си“ информира дека министерот за нафта и рударска индустрија на Венецуела Еулохио дел Пино на 15 февруари вторпат за помалку од две недели пристигнал во Катар, кој годинава претседава со ОПЕК.  

Во моментов нафтата се наоѓа под притисок на неколку фактори. Нејзината цена паѓа поради намалувањето на темпото на економски раст на Кина (земјата е еден од најголемите потрошувачи на јаглеводороди во светот), политиката на ОПЕК за зголемување на производството на нафта, како и поради укинувањето на меѓународните санкции против Иран. Иран има намера да продава во странство еден милион барели дневно, пишува „Лента.ру“. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња