Генералштаб на ВС РФ: Сириската нафта се шверцува по нови рути

Обидувајќи се да ги избегнат нападите на руската авијација, терористите ја менуваат логистиката и изнаоѓаат нови патишта за шверц – првин ја превезуваат нафтата во Ирак, а оттаму во Турција.

Генералштабот на ВС РФ во петокот соопшти за една од новите рути за шверц на сириската нафта – првин цистерните по најкраток пат одат во Ирак, а оттаму во Турција, пренесува РИА „Новости“.

Како што изјави во петокот началникот на Главната  оперативна управа на Генерлаштабот на ВС РФ генерал-потполковник Сергеј Рудској, во обид да ги избегнат нападите на руската авијација, терористите „ја менуваат логистиката и изнаоѓаат нови патишта за шверц на сирова нафта“.

Според неговите зборови, маршрутата за транспорт оди од провинцијата Деир-Ез-Зор, која се наоѓа под контрола на „Исламската држава“, преку пограничните места Гуна и Тел-Сфук (Сирија) во правец на Мосул и Захо на територијата на Ирак.

Колоните цистерни одат по најкраткиот пат до сириско-ирачката граница која ја преминуваат во близина на населеното место Тел-Сфук, изјави генералот.

Сепак, и покрај значителното заобиколување, дестинацијата на шверцуваната нафта останува Турција, потенцираше претставникот на Генералштабот.

На турска територија, според него, нафтата доаѓа преку граничниот премин во близина на Захо. Рудској изјави дека во моментот кога е снимана околината на Захо, на двете страни на турско-ирачката граница имало 11775 цистерни (4530 на територијата на Турција и 7245 на територијата на Ирак).

Судејќи според прикажаната шема во Министерството за одбрана на РФ, наведената маршрута делумно се совпаѓа со таканаречената „источна маршрута“ која руската војска веќе ја има коментирано. 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња