Песков: Не смее да се исклучи ниедна верзија за несреќата во Египет

Треба да се избегнуваат шпекулации, потенцираше портпаролот на претседателот на РФ Дмитриј Песков.

Портпаролот на претседателот на РФ Дмитриј Песков смета дека ниедна верзија за авионската несреќа во Египет не смее да биде исклучена, пренесува ТАСС.

„Сега не смее да се исклучи ниедна верзија. И, всушност, истрагата тукушто ја почна својата работа. Која од верзиите ќе биде основата за понатамошните истражни дејствија во моментов не можеме да кажеме“.

Песков не можеше да прогнозира кога ќе бидат готови резултатите од истрагата. Тој потсети дека основната истрага ја води земјата каде што се случи катастрофата – а тоа е Египет. Портпаролот на Кремљ додаде дека Москва високо ја оценува ефикасноста на работата на египетските власти во истрагата. „Во дадениот случај треба само да ги чекаме резултатите од истрагата и да не се занимаваме со некакви шпекулации“, потенцираше тој.

Песков додаде дека претседателот Путин ги добива сите информации поврзани со трагедијата. „Знаете за неговата наредба за формирање државна комисија, тој постојано беше во контакт со шефовите на регионите во наведениов случај – на Петербург, Новгород, Псков, на другите региони каде живееја граѓаните кои загинаа во авионската несреќа, каде живеат нивните роднини“, изјави портпаролот на Кремљ. Путин исто така даде налог за испраќање во Египет на контингент на МВС за учество во истрагата. „Обемот на работата што беше направена е огромен“, констатираше Песков.

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња