Путин: Руската војска постигна значајни резултати во Сирија

Дејствувајќи од воздух и море врз однапред договорени цели со Сиријците, нашите војници постигнаа забележителни резултати, изјави претседателот на РФ Владимир Путин.

Воздушно-космичките сили на Русија постигнаа значајни резултати во Сирија, изјави рускиот претседател Владимир Путин, пренесува „Взгљад”. Тој, исто така, истакна дека операцијата на РФ во Сирија има временски рамки и ќе трае додека трае офанзивата на сириската војска против терористите.

„Дејствувајќи од воздух и море врз однапред договорени цели со Сиријците, нашите војници постигнаа забележливи резултати. Уништени се десетици командни центри и складови со муниција, стотици терористи и голем број воена техника. Истовремено продолжуваме да го поттикнуваме формирањето широка коалиција за борба против екстремистите и терористите”, рече Путин.

„Потсетувам дека операцијата на Воено-космичките сили на Русија со ангажирањето на Касписката флота е во целост во согласност со меѓународното право, апсолутно е легитимна, затоа што се спроведува врз основа на официјално барање од претседателот Асад“, истакна рускиот претседател.

Путин ги информираше лидерите на земјите од ЗНД за операцијата на руското воено воздухопловство во Сирија. Според него, „постои одреден напредок во поглед на координацијата на акциите и напорите во борбата против тероризмот во регионот“. „Успеавме да воспоставиме работни контакти со блискоисточните држави. Во преговори сме со Саудиска Арабија, ОАЕ, Египет, Јордан, Израел и други земји, а се обидуваме да воспоставиме соработка со САД и Турција“, додаде рускиот лидер.

Истовремено Путин наведе дека, според различни проценки, околу 7 илјади имигранти од Русија и земјите на ЗНД се борат на страната на „Исламската држава“.  

„А ние сигурно не можеме да дозволиме денес добиеното искуство во Сирија подоцна да го користат дома“, рече Путин. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња