Лавров: Гранатирањето на амбасадата на РФ во Сирија е терористички чин

На 13 октомври во близина на амбасадата на РФ во Дамаск се одржа митинг „за поддршка на пријателска Русија“ во кој учествуваа неколку илјади Сиријци.

Москва се надева дека виновниците за гранатирањето на амбасадата на Русија во Дамаск ќе бидат откриени и ќе бидат преземени мерки за пресекување на таквите криминални дејствија, изјави министерот за надворешни работи на РФ Сергеј Лавров, пренесува ТАСС.

„Нашиот амбасадор ги потврди информациите за гранатирањето на амбасадата. На територијата на амбасадата на РФ во Дамаск паднале две гранати – една на спортскиот терен, друга на покривот на станбениот комплекс. Никој не настрада“, изјави министерот.

„Тоа е, очигледно, терористички чин, пресметан за да се отстранат приврзаниците на борбата против теророт и да не им се дозволи да се стекнат со надмоќ во борбата против екстремистите. Сега во соработка со сириските власти се стремиме да ги откриеме виновниците за ова гранатирање“, додаде Лавров.

„Сметаме дека виновниците ќе бидат откриени и ќе бидат преземени мерки за пресекување на слични криминални дејствија“, потенцираше Лавров.

На 13 октомври, во близина на амбасадата на РФ во Дамаск се одржа митинг „за поддршка на пријателска Русија“ во кој учествуваа неколку илјади Сиријци, соопшти информативната агенција САНА.

Во текот на одржувањето на митингот беше гранатирана амбасадата на РФ. Првиот секретар на амбасадата  Ељдар Курбанов соопшти за ТАСС дека „меѓу вработените на амбасадата нема настрадани, нанесена е само материјална штета“.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња