„Комерсант“: Компанијата Qiwi сака да пушти во употреба прва виртуeлна валута во Русија

Компанијата Qiwi сака да пушти во употреба руска криптовалута наречена „битрубља“, соопшти „Комерсан“ повикувајќи се на генералниот директор на компанијата.

Платниот систем Qiwi има намера во 2016 година да почне со емисија на првата во Русија виртуелна валута „битрубља“, пишува во средата „Комерсант“ повикувајќи се на Сергеј Солонин, генерален директор и сосопственик на Qiwi.

Како што истакнува изданието, во моментов вкупната пазарна капитализација на сите криптовалути во светот изнесува 3,8 милијарди долари. Qiwi е првата компанија која планира да пушти во оптек своја виртуелна валута во РФ, но на тоа се спротивставија руските чиновници, плашејќи се дека виртуелните пари можат да почнат да се користат за спонзорирање на тероризмот и перење пари.

Како што изјавува Солонин, валутата ќе се вика „битрубља“. Според неговите пресметки, за пуштање на криптовалутата во оптек во 2016 година ќе ѝ бидат потребни на Qiwi неколку стотици милиони рубли.

Солонин рече дека Qiwi веќе одржала неформални состаноци со претставници на Централната банка на Русија. „Во следните денови е планирано уште едно разгледување на оваа тема со ЦБ. Освен тоа, ние испративме писмо со опис на проектот до безбедносните институции“, изјави генералниот директор на компанијата. Точниот рок за пуштање на виртуелната валута во оптек зависи од одлуката што ќе ја донесат регулаторите.

Qiwi планира да ја користи технологијата blockchain која е дел од основата на платниот систем „Биткоин“ или технологијата bitshares, која може да се опише како децентрализирана берза на криптовалути. Во моментов овие платформи се тестираат и се доработуваат за да соодветствуваат на руското законодавство, пишува изданието.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња