Договорен е датумот на операцијата за пресадување на глава за програмерот Валериј Спиридонов од Владимир. Операцијата ќе се изврши во декември 2017 година, соопштува американскиот ТВ-канал „Фокс Њуз“, а пренесува РИА „Новости“.
30-годишниот Валериј Спиридонов боледува од неизлечивата спинална атрофија и се согласни на операцијата, без оглед на ризикот.
Операцијата ќе ја изврши италијанскиот неврохирург Серџо Канаверо. Се очекува процедурата да трае 36 часа. Како што смета неврохирургот Канаверо, доколку сѐ се одвива според планот, две години се доволно време за да се направат сите научни пресметки и да се осмислат деталите на операцијата.
„Кога разбрав дека можам да учествувам во толку големо и важно дело, не ми остана никаков сомнеж и почнав да работам во таа насока. Сѐ што чувствувам сега е пријатно нетрпение, буквално како да се подготвував за нешто многу важно целиот свој живот и сега тоа почнува да се случува“, ги цитира „Фокс Њуз“ зборовите на Валериј Спиридонов.
„Операцијата е планирана за декември 2017 година, и тоа ќе биде своевиден роденденски подарок. Во секој случај, не брзаме. Сѐ ќе се случи тогаш, кога ќе се убедиме дека е сигурно“, изјави за ТАСС Спиридонов, а пренесува „Взгљад“.
Вредноста на операцијата надминува 11 милиони долари. Руското законодавство забранува такви операции, и затоа, најверојатно, операцијата ќе се изврши во САД. Претходно беше објавено дека на Канаверо ќе му асистира кинескиот хирург Рен Ксјаопин од Харбинскиот универзитет за медицина, соопштува „Сибирската новинска агенција“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче