Русија, Кина и Европа – триаголник на просперитетот

Европа треба да заземе курс кон зближување со Русија и Кина, пишува поранешниот француски премиер Жан Пјер Рафарен во весникот „Хафингтон пост“.

Европа треба да заземе курс кон зближување со Русија и Кина, пишува поранешниот француски премиер Жан Пјер Рафарен во весникот „Хафингтон пост“ (The Huffington Post), а пренесува „Спутник“.

Колку повеќе критики и санкции доаѓаат од Запад, Русија сѐ повеќе се свртува кон Исток, забележува Рафарен и додава дека неуспешните обиди на светското раководство да го стабилизира растот и неспособноста на Западот да спроведе реформи на меѓународните институции исто така создаваат поволни услови за зближување на Москва и Пекинг.

Според него, Русија и Кина имаат доволно заеднички теми и интереси. Главна е заедничката непријатност поради притисокот со чија помош Америка се обидува да ја одреди политиката на целиот свет, а пред сѐ да влијае на Европа.  

„И тоа во моментот кога немирите ширум светот и „војната“ против тероризмот би требало да ги обединат големите сили“, наведува поранешниот француски премиер. Во такви услови Европа има голема одговорност, смета политичарот.

„Главниот стратешки аргумент е дека на Кина и Русија им е потребна силна „европска“ Европа. Финансиската политика на Пекинг покажа дека тој не тежнее кон крах на еврозоната, додека Русија пред сѐ е против „американска Европа“, пишува поранешниот премиер, наведувајќи дека Франција повеќе не може да ја става главата во песок доколку не сака да ги изгуби вистинските стратешки сојузници во наредните години.

Како што тврди Рафарен, триаголникот Европа-Русија-Кина може да стане триаголник на просперитетот, затоа што секоја земја поседува сопствени човечки и природни ресурси и финансиски кецови во ракавот, како и потреба за вработување, приходи и стабилност.

Според неговото мислење, денес прашањето на зближување на Русија и Кина е нераскинливо поврзано со независноста на европската политика и себереализацијата на Европа.

 

 

 

 

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња