Порошенко: На Путин му е потребна цела Европа

Путин претставува опасност за цела Европа и ќе отиде онолку далеку колку што ќе му биде дозволено, смета претседателот на Украина Петро Порошенко во интервју за францускиот „Либерасион“ (Libération).

„Путин ќе отиде онолку далеку колку што ќе му се дозволи. Нему му е потребна цела Европа. Путин со анексијата на Крим и агресијата на истокот на Украина го уништи целиот систем на меѓународна безбедност. Дали е можна агресија против Финска? Да. И Финска добро го знае тоа. Дали е можна агресија во балтичките земи? Секако. Дали е можно тоа на црноморските простори? Да“, изјави Порошенко.

Украинскиот претседател додаде дека затоа украинските војници се борат не само за Украина, туку и за цела Европа.

„Кога зборуваме за Украинците кои се борат на истокот на нашата земја, ние не зборуваме само за борба за територијалниот интегритет и независноста на Украина.  Ние се бориме за демократија,  слобода и безбедност на целиот европски континент“, објаснува Порошенко.

Зборувајќи за тешката економска ситуација во земјата, Порошенко за таквата ситуација во целост ја обвини Русија. „Нашите национални богатства се намалија и за тоа постои едноставно објаснување: 25% од индустриското производство се наоѓа на окупирана територија. Освен тоа, уште 10% од индустрискиот потенцијал е уништено во војната или е демонтирано и однесено во Русија. Потоа, освен агресијата на истокот на земјата и анексијата на Крим, Русите го затвораат за нас својот пазар. Тие почнаа масовна трговска војна против Украина и ги кршат правилата на Светската трговска организација. Ние интензивно бараме нови пазари. Тоа е веројатно едно од најголемите искушенија кои ни ги намени нашиот агресор“, смета Порошенко. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња