Путин: Русија нема да ја продолжи реализацијата на „Јужен тек“

Русија не може во сегашните услови да ја продолжи реализацијата на „Јужен тек“, изјави претседателот на Русија Владимир Путин.

„Земајќи ја предвид позицијата на Европската комисија, која воопшто не помага да се реализира овој проект, како и тоа дека сѐ уште немаме добиено дозвола од Бугарија - сметаме дека Русија во овие услови не може да продолжи со реализација на овој проект“, изјави Путин за време на преговорите со својот турски колега Реџеп Ердоган, а пренесува РИА Новости.

„Не можеме да започнеме со изградба на морската делница сѐ додека не добиеме дозвола од Бугарија“, додаде тој.

Владимир Путин изјави дека Бугарија треба да побара од Европската унија компензација поради нереализираната изградба на „Јужен тек“. Само од транзитот таа би добивала околу 400 милиони евра годишно, забележа претседателот на Русија. Според неговите зборови, поради неконструктивната позиција околу „Јужен тек“, Москва ќе ги пренасочи своите енергенси на други места. Русија може да изгради нов гасоводен систем кон Турција.

Минатиот понеделник Русија и Турција се договорија за зголемување на испораките на гас во Турција.

На 26 ноември министерот за економски развој Алексеј Уљукаев изјави дека Русија нема да го изгради „Јужен тек“ ако Европа нема потреба од намалувањето на транзитните ризици.

Европскиот парламент на 18 септември ја повика Европската унија да ги откаже сите планирани договори со Русија околу изградба на гасоводот „Јужен тек“.

Шефот на „Гаспром“ изјави дека доколку проектот „Јужен тек“ биде прекинат, повеќе нема да има рестартирање на истиот.

„Јужен тек“ претставува заеднички проект на Русија, Италија, Франција и Германија за изградба на гасовод, кој треба да поминува по дното на Црното море и да продолжи на копно од бугарскиот град Варна. Изградбата на гасоводот почна на 7 декември 2012 година. Крајот на изградбата беше планиран во 2015 година. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња