4 познати љубовници на руските цареви

Павел Први и Ана Лопухина.

Павел Први и Ана Лопухина.

Владимир Боровиковски, Степан Шчукин
Во Кан на меѓународниот конкурс на серии MIPDrama Screenings на 3 април беше прикажана филмската драма на Алексеј Учитељ „Матилда“, чија главна тема е љубовта помеѓу царот Николај Втори и познатата балерина Матилда Кшесинска. „Руска реч на македонски“ ви претставува четири познати фаворитки на руските цареви.

Павел Први и Ана Лопухина

Синот на Екатерина Велика, Павел Први, бил Велики магистер на Малтешкиот ред и се сметал себеси за вистински рицар, а на секој рицар му е потребна дама. Оваа улога во 1798 година императорот ѝ ја доделил на 20-годишнта кнегинка Ана Лопухина, чија надворешност била опишана со следниве зборови: „Лопухина имаше убава главичка, но беше ниска, неубаво градена, со виснати гради и без никаква грациозност во манирите“.

Павел, пак, ја величал: според неа им давал имиња на бродови и ги облекол гардиските офицери во мундири со боја на малина, зашто тоа била омилената боја на Ана. Лопухина обожавала валцер, па Павел ја укинал забраната за овој танц која постоела во дворот, а својот дворец, Михајловскиот замок, наредил да се обои во светло-циклама, какви што биле нејзините балски ракавици.

А, кога Лопухина му кажала дека сака некој друг, Павел и тогаш постапил рицарски: им направил свадба на Ана и на нејзиниот избраник, кнезот Гагарин. Впрочем, до самата смрт на Павел во 1801 година, Лопухина во Михајловскиот дворец имала свој апартман, од кој до собата на императорот воделе тајни скалила.

Александар Први и Марија Наришкина

Степан Шчукин

Срцето на Александар Први, кој владеел со Русија во првата четвртина од 19 век, го покорила Марија Наришкина, која е по потекло од познат полски род. „Нејзината убавина беше до тој степен совршена што се чинеше дека е невозможна, - пишува познатиот мемоарист Филип Вигељ. – Идеалните црти на лицето и беспрекорната фигура уште повеќе се истакнуваа со едноставноста на нејзината облека“.

Наришкина не носела скапоцености и на дворските балови се појавувала во едноставен бел фустан. Таа никогаш не претендирала на улогата на жена, не се мешала во политика и не ја користела својата положба за да стане богата. Александар практично не ја криел нивната врска и го отворал балот со полонеза заедно со Марија.

Во 1814 година нивната романса, која траела 13 година, била прекината. Не се знае кој бил иницијатор на разделбата, како што не се знае ни кој бил таткото на петте деца на Наришкина, иако велат дека нејзиниот маж обер-егермејстерот Дмитриј Наришкин на прашањето на императорот за здравјето на децата, одговорил: За кои деца прашувате, Ваше Височество? За моите или за Вашите?

Александар Втори и Екатерина Долгорукова

Фотографија од архиваФотографија од архива

Императорот Александар Втори бил постар од својата љубена 28 години. Тој ја познавал Катја уште кога била мало девојче, кога тој бил на гости на имотот на нејзиниот татко, а потоа ја сретнал во Летната градина, кога имала 18 години, и до уши се вљубил во неа. Започнале прошетки, тајни состаноци, а во 1878 година императорот ја доселил кнегинката во Зимскиот дворец и оттогаш не се разделувале. Без оглед на тоа, до наше време се зачувани околу 6.000 писма кои тие си ги пишувале еден на друг 15 години.

Во 1880 година умира сопругата на Александар Втори и по еден месец тој, заборавајќи на жалоста, ја води Долгорукова кон олтарот. Таа ја добива титулата велика кнегиња Јуревска, а истото презиме го добиваат и нејзините три деца, кои Александар официјално ги признава за свои.

Семејната среќа траела кратко: на 1 март 1881 година ранет од терорист-бомбаш императорот умира во дворецот на рацете на својата млада жена. Откако на 33 години останала вдовица, Долгорукова повеќе не се мажела, иако го надживеала Александар 40 години. Во француската екранизација на историјата на нивната љубов, филмот „Катја – некрунисаната императорка“ од 1959 година, Долгорукова ја игра Роми Шнајдер.

Николај Втори и Матилда Кшесинска

РИА НовостиРИА Новости

Несмислен иницијатор на романсата станал таткото на тогашниот принц, императорот Александар Трети: имено тој ја седнал убавата дипломка на кореографската школа на свечениот ручек до неговиот 22-годшен син Николај. Иако тој дотогаш немал некаква љубовна романса, на Николај Втори веднаш му се допаднала Матилда: „Малата Кшесинска позитивно ме интересира...“, - пишува тој во дневникот. Во својот дневник 18-годишната балерина исто така пишува: „Се вљубив во наследникот на првата наша средба <…> чувството ја исполни сета моја душа, така што јас само на него можев да мислам“.

Николај ѝ купил на Кшесинска куќа во Петербург, кадешто тие можеле спокојно да се среќаваат. Нивната романса траела 4 години, до женидбата на Николај во 1894 година. По разделбата нивните судбини биле различни: пред последниот цар биле страшни потреси, а Матилда ја чекала слава на блескава балерина и светски позната жена, која имале љубовна врска во исто време со двајца велики кнезови и емиграција во Париз, каде умрела во 1971 година, 9 месеци пред да наполни сто години.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња