Русија го афирмира брендот „Сделано в России“ (Made in Russia)

22 март 2017 Кира Калинина
ИТ-технологиите, еколошките производи и здравствениот туризам можат да бидат адути на Русија во создавањето имиџ на извозник, сметаат експертите и актерите на пазарот.
Russia
Девојка проверува маичка со кратки ракави, дел од олимписката униформа на руската репрезентација, во продавницата за спортска опрема Боско во ГУМ. Извор: Евгенија Бјатов / РИА Новости

„Внешекономбанк“ и фондот „Росконгрес“, кој е одговорен за организација на главните инвестициски форуми во земјата, се договорија заедно да го промовираат рускиот извоз под брендот „Сделано в России“ (Направено во Русија) за време на Рускиот инвестициски форум во Сочи на 27 февруари. Договорот предвидува давање поддршка на извозот на руски стоки и услуги во сферата на рекламата, маркетингот, брендирањето и комуникациите.

Руските производи и компании ќе се афирмираат под брендот „Сделано в России“ во категориите „Производство“, „Извоз“, „Туризам“, „Култура“, „Инвестиции“, „Образование“ и „Човечки потенцијал“, вели за „Руска реч на македонски“ директорот на фондот „Росконгрес“ Александар Стуглев.

Афирмација на недоволно познати проекти

Рускиот сладолед стана популарен во Кина откако Владимир Путин во 2016 година му подари на Си Ѓинпинг ваков десерт на самитот на Г-20. Вакви случаи како примерот со сладоледот може да има многу повеќе, смета Стуглев. „Ретко кој знае дека во филмот 'Заборав' оружјето на Том Круз е осветлено со ламба FL33 V3 што ја произведува руската компанија LUX-RS, или дека во Русија се произведуваат рамките од титан за велосипедите „Тритон бајкс“ што ги купуваат познатите спортисти, политичари и глумци низ целиот свет“, вели првиот човек на „Росконгрес“ во разговор со „Руска реч на македонски“.

Алексеј Фурман / РИА Новости Алексеј Фурман / РИА Новости

Советскиот Сојуз имаше големо искуство во афирмација на националниот бренд, смета Владимир Евстафјев, шеф на Катедрата за реклама и односи со јавноста при Руската академија за народно стопанство и државна администрација. „Во целиот свет се познати брендовите Made in USSR, Молотов коктел, Фаберже, руски балет, руски филм, руската песна Катјуша, црниот кавијар, вотката Столичнаја, тракторите, камионите Камаз и автомобилите Лада и Москвич“, вели тој.

Според него, главниот проблем на афирмирањето на брендот „Сделано в России“ е во тоа што во последниве 25 години државата нема учествувано во тој процес и нема издвојувано средства за реклама. Државата мора директно да учествува во создавањето национален бренд, смета тој.

Чие искуство ќе биде добредојдено за Русија?

„За создавање моќен бренд се потребни години. На пример, Италија го афирмира Made in Italy од педесеттите години од минатиот век“, предупредува Ана Крилова од Институтот за проучување на движењето на стоката и на актуелните ситуации на пазарот на големо. Долгогодишната државна кампања во промовирањето на брендовите Made in Italy придонесе италијанската стока и услугите да стекнат популарност, а воедно го зголеми и интересот на туристите и на инвеститорите за оваа земја.

Getty ImagesGetty Images

„Творците на брендот 'Сделано в России' треба да обрнат внимание на успешното искуство на Германија, каде владата дава централизирана поддршка на маркетиншката работа на афирмирањето на брендот Made in Germany“ смета Пјотр Давиденков, експерт за стратешко маркетиншко управување во агенцијата „Перви ход“. Сега потрошувачката вредност на автомобилот Опел или на кој било бренд бела техника во многу случаи се определува според тоа што производот е направен во Германија“, вели тој.

Лошо обработен национален бренд може да биде антиреклама, предупредуваат експертите. „Најлошо ќе биде доколку зад маркетингот поврзан со брендот 'Сделано в России' се кријат проблеми поврзани со квалитетот“, смета Сергеј Копциовски, директор за стратегија на рекламната агенција TBWA Moscow. Според него, постојат многу земји кои особено внимание имаат посветено на квалитетот на производите. Швајцарија особено се истакнува кај часовниците и кај чоколадите. Франција ги истакнува своите вина, а оф-шор зоните своите економски фактори.

Ние не треба ни да се обидуваме да смислиме западна конструкција во руски манир, смета бренд-менаџерот на компанијата Coffeeshop Никита Кан. Наједноставен пат за оние кои го формираат брендот „Сделано в России“ е да тргнат од стереотипите и да го изнесат на пазарот она што странците го очекуваат од Русија. „Во голема мера ќе мораме да одиме по патот по кој мина Кина, односно на почетокот сето тоа ќе се доживува негативно, а потоа луѓето со време ќе ја сфатат вредноста на она што им се нуди“, вели тој.

Потенцијални бестселери во Русија

Во целина гледано, руските актери имаат позитивен став за идејата за создавање национален бренд. Руските производи ќе имаат успех на пазарите поврзани со определени области, смета Давиденков од агенцијата „Перви ход“. „На пример во областа на еколошки чистата стока тоа можат да бидат брендовите (или нивни варијанти прилагодени за надворешни пазари) ВкусВил, ECO Botanica и Natura Siberica“, вели тој.

Natura Siberica / Press Photo Natura Siberica / Press Photo

Васиљ Газизулин, основач на компанијата TopFranchise.ru, смета дека огромен потенцијал имаат руските ИТ-производи, мобилните апликации, виртуелните продавници и апликациите за мобилно банкарство, цртаните филмови и сите објекти кои имаат дополнителна интелектуална вредност. „Во прв ред треба да се афирмираат производи од рускиот интелект, односно патенти, методи на управување, брендови поврзани со начинот на живот како што е 'Експедиција' (бренд на стока која е неопходна на патување)“, смета Газизулин.

Под брендот „Сделано в России“ може да се развива база на лековити бањи и лекувалишта, кои се создадени околу руските „бањски“ региони, напомнува Елена Трубникова, директор на Асоцијацијата за велнес-туризам. „Традицијата на примена на природни и лековити фактори која настанала во 18 век, може да послужи како основа за афирмирање на национален бренд на туризам со центри за рекреација, релаксација и ревитализација“, вели таа.

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.