Услуги на руски начин: жена-грејач, мачка на саат и рентање ружи

15 март 2017 Ана Третјак
Снаодливите претставници на рускиот мал бизнис докажуваат дека и мошне чудна идеја може да донесе заработка. „Руска реч на македонски“ најде неколку нови услуги кои навистина можат да ги изненадат клиентите.
Flower
Извор: Press Photo

Изнајмување букет ружи

Секоја девојка мечтае на подарок за добие „милион“ црвени ружи и да остави впечаток кај познајниците. Веројатно од оваа мисла биле водени и творците на профилот за изнајмување букет кој ги преплави социјалните мрежи наспроти Денот на жената. „Започнавме да работиме наспроти 8 март, иако одамна дојдовме до идеја да изнајмиме цвеќе за фотографирање“, вели Александар, сопственик на профилот arendatsvetov на Инстаграм. Шемата е едноставна. На домашна адреса ви носат букет со 101 црвена ружа и имате 10 минути да се фотографирате со букетот. Згора на тоа, курирот може да игра улога на кавалер на фотографиите, доколку некоја девојка сака да им приреди големо изненадување на своите следбеници на Инстаграм. Ова задоволство чини 1.000 рубли (17 американски долари). За дополнителни 300 рубли (5 американски долари) на букетот може да му се додаде украсна кеса од Chanel, Armani, Tiffany&Сo и други познати брендови.

Неочекувано, излезе дека има многумина заинтересирани за оваа услуга. „Иако услугата е прилично провокативна, за неколку дена ни се обратија над 100 лица. Дури не успевавме да ги услужиме сите заинтересирани“, вели Александар. Цвеќето главно го изнајмуваа девојки, иако имаше и момчиња кои сакаа да се фотографираат со брендирана украсна кеса. Интересот за оваа услуга постои и по 8 март, така што сопствениците на @arendatsvetov подготвуваат нов „флорален“ проект.

Жена-грејач

21-годишната Викторија Ив од Москва им нуди на заинтересираните да им го загрее времето во студените зимски ноќи за само 4.900 рубли (80 американски долари). Главни клиенти на Викторија се бизнисмените. „Доаѓам кај клиентот, се туширам, си ја облекувам пижамата и легнувам во креветот каде поминувам 15-20 минути. Можам и да разговарам со клиентот, доколку тој тоа го сака. За тоа време креветот ќе се загрее и јас си заминувам“, раскажува Викторија. Не станува збор за интимни услуги, нагласува таа. За време на посетата кај клиентот девојката ја следи обезбедување и во случај на опасност таа може да го повика преку апликацијата „Итен повик“. Сепак, засега немало потреба од тоа, вели Викторија, зашто имала среќа со клиентите.

Press Photo Press Photo

За еден месец нејзиниот проект може да ѝ донесе 350.000 рубли, додава таа. Услугата е започната на 25 јануари и, според Викторија, заинтересирани сè уште има, иако затоплува.

Девојката не обрнува внимание на критиките за својот проект. Штом се кренал толкав прав, значи дека сум на вистинскиот пат, смета девојката. Таа себеси се доживува како „коуч“. „Луѓето минуваат една третина од својот живот во кревет и токму преку креветот се врши најсилното енергетско влијание. Јас по образование не сум ниту лекар, ниту психолог, но факт е дека луѓето по контактот со мене се чувствуваат подобро“, уверена е младата бизнисменка.

Мачка на час

Во рускиот град Киров се појави услуга која овозможува да се изнајми мачка. „Многумина долго се мислат пред да се решат да купат домашен миленик. Загрижени се дали ќе се чувствува миризба, дали ќе има влакна на земја, а тоа во извесна смисла е и одговорност“, вели за „Интерфакс“ Василиј кој ја нуди оваа услуга. Неговата услуга им овозможува на луѓето да донесат правилна одлука и да се ослободат од депресија, уверен е Василиј. Меѓу клиентите има луѓе кои сакаат да почувствуваат како изгледа да се има мачка во домот и дали воопшто треба да земат домашен миленик.

 Global Look Press Global Look Press

Засега на клиентите на располагање им се три мачки. Според авторот на проектот, сите тие без проблем комуницираат со луѓе, иако за време на една „домашна посета“ мачката случајно изгребала една дете. Инаку, со цел мачките да не се изморат од контакт со непознати луѓе, нивниот „работен ден“ трае најмногу 3 часа. Цената на оваа услуга се договара посебно со секој клиент и изнесува од 300 до 600 рубли на час. Авторот на проектот планира во иднина да отвори свој бизнис и да набави мили четвороножни „соработници“.

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.