Странците сè почесто одат во Русија на лекување

Федерален центар за акушерство, гинекологија и перинатологија „Кулаков“во Москва.

Федерален центар за акушерство, гинекологија и перинатологија „Кулаков“во Москва.

Валериј Шарифулин / ТАСС
Според податоците на Руската асоцијација за медицински туризам бројот на медицинските туристи во земјата во 2016 година се зголемил за 24%.

Стоматологијата и Ин-витро оплодувањето се најпопуларните услуги меѓу странците кои ја посетуваат Русија со цел лекување, а бројот на туристи меѓу пациентите на руските клиники се зголемил во просек за 23-24%, соопшти Руската асоцијација за медицински туризам.

Интересот за Ин-витро

Во Русија цените на процедурите за Ин-витро се за 2.5 пати пониски отколку во САД и Европа, соопштува Руската асоцијација за медицински туризам.

„Услугите на нашата клиника ги користат, пред сè, пациентите од земјите на ЗНД - Казахстан, Киргистан, Украина, Белорусија. Меѓу подалечните дестинации се Италија, Ирска, Франција, Србија, а исто така и Кина, САД, Австралија, Канада“, вели за „Руска реч на македонски“ докторот на медицинските науки, директор на клиниката „АРТ-ЕКО“ Елена Калинина. Во моментов, вели таа, меѓу странските пациенти се забележува интерес, пред сè, кон донаторските женски јајце клетки и сурогат мајчинството.

Експертите го поврзуваат овој интерес и со флексибилното законодавство. „На пример, во Италија католичката црква отсекогаш била против донаторството и сурогат-мајчинството. Пред околу 2-2.5 години таму донацијата беше одобрена, но оваа компонента се развива бавно“, вели за „Руска реч на македонски“ урологот, главен лекар на Клиниката „Кармента“ Александар Обиденов.

Во Велика Британија, продолжува експертот, ја забранија донација за надомест, а во Израел дејствуваат строги старосни ограничувања за учество во програма за Ин-витро. Затоа многу луѓе се свртеа кон Русија. „Сумарно програмата за донаторство на јајце клетки во нашата клиника чини од 2.5 до 5.5 илјади евра заедно со процедурата за Ин-витро. Цените за Русите и странци се исти“, забележува Александар Обиденов.

Лидер кај сурогат мајчинство останува Шпанија, забележуваат експертите. Покрај тоа, таму се дозволени донаторските програми, а квалитетот на медицинската помош е на високо ниво. Притоа цените на програмите за оплодување во Шпанија не се многу повисоки од оние во Русија.

Надоместокот за сурогат во Русија се движи од 16.5 до 20 илјади евра. Приближно такви се цените и во Шпанија. Во Тајланд сурогат мајката чини 20-30% помалку. Но, таму, пак, нивото и квалитетот на медицинските услуги е пониско, забележуваат експертите. Евтини „снабдувачи“ на донатори на јајце-клетки во Европа се Украина, Бугарија, Црна Гора, Македонија.

Но, независно од конкуренцијата, руските експерти се едногласни: изгледите за развој на програмите за Ин-витро во Русија, вклучувајќи ги и оние за странци, се големи. „Според податоците на ESHRE (Европската асоцијација за хумана репродукција и ембриологија – заб. ред.), Русија влегува во седумката на најрезултативни земји во помошни репродуктивни технологии“, вели Елена Калинина.

Стоматологија, онкологија, флебологија

Стоматологијата зазема лидерски позиции меѓу склопот од медицински услуги за странци во Русија. Со цел да посетат стоматолог пристигнуваат 44% од странските пациенти. Туристички групи од Кина, на пример, се меѓу најбројните што посетуваат стоматолози во Русија, вели за „Руска реч на македонски“ претседателот на Руската асоцијација за медицински туризам Константин Онишченко.

Според него многу често пациенти со сериозни дијагнози се заинтересирани првично за Израел, Европа, а потоа сфаќаат дека протоколите за лекување се совпаѓаат со руските, а цените на услугите се значително пониски. „На пример цените за кардиолошки операции во Русија се десетина пати пониски отколку во САД“, забележува Константин Онишченко.

Има интерес и за онкологијата. При тоа многу често странците доаѓаат кај конкретни специјалисти, светски имиња во својата област. „Неодамна ме посети пациент од Иран, за да помине низ курс на експериментално лекување за рак на бубрезите. Русија е меѓу земјите кои можат бесплатно да спроведуваат тестирања на програмата од протоколот за целна терапија во онкологијата“, забележува Константин Онишченко.

Расте побарувачката за операции на вените и на крвните садови. Најчесто доаѓаат пациенти за отстранување на големо проширување на вените на нозете. „Притоа кај нас пациентите можат да бидат оперирани буквално во текот на еден час, без анестезија и резови. По 5-6 дена можат безбедно да се вратат дома“, вели во разговор со „Руска реч на македонски“ шефот на Центарот за иновативна флебологија Антон Соломахин.

Според него, цената на флебологичните операции во Русија се движи во просек околу илјада евра или американски долари. Во Европа таа е околу 4-5 илјади. Евра, во САД – 4.5 илјади американски долари. Најпопуларната операција е ендоназалната ласерска коагулација.

Експертите се на мислење дека за да продолжи развојот на медицинскиот туризам во Русија, треба да се решат голем број комплексни прашања. Меѓу нив е и воведувањето на медицинска виза. Од Руската асоцијација на медицинскиот туризам се на мислење дека медицинската виза треба да биде повеќекратна и да се издава за период не пократок од шест месеци.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња