Седум сценарија за Русија

Ројтерс
Русија може да стане комплекс од самостојни енклави на периферијата на американската или кинеската економија. Или пак да направи технолошки пробив и до 2025 година да заземе достојно место во новиот светски поредок. Академикот на Руската академија на науките, Сергеј Глазиев изложи седум сценарија за развојот на Русија во глобалната економија.

Русија не може да плива низводно, кога двата геоекономски центри - САД и Кина - водат исклучително жестока борба за глобалното лидерство. „Економската политика е пасивна. Без да имаме сопствена стратегија, ние даваме иницијатива на странците за освојување на нашиот економски простор. Тие господарат на финансискиот пазар и го манипулираат, доминираат на пазарот за автомобили и опрема, стоки за широка потрошувачка за трајна употреба“, вели Глазиев.

Постои ризик дека при пасивна политика Русија повторно ќе стане „адут“ и „објект на агресијата на конкурентните светски држави“, како што тоа веќе не еднаш се случило во историјата.

Според Глазиев во следната деценија се можни седум сценарија за промена на геоекономската положба на Русија во светот.

1. Тројно партнерство: САД, Русија и Кинеската народна република (НР Кина)

Ова е најпозитивно и најмалку веројатно сценарио, поврзано со прекинувањето на американската агресија и пристапување на САД кон стратешкото партнерство Русија - Кина.

Сценариото претпоставува укинување на антируските санкции и „солидарна одговорност на големите држави за зачувување на мирот при процесот на глобалните структурни промени“.

Сепак кај пасивната позиција на Русија настаните можат да преминат во следното, најнегативно сценарио.

2. Изолација и интервенција

Ова сценарио може да стане факт доколку американското раководство наместо денешната конфронтирачка линија се врати на претходната политика на приопштувањето на НР Кина кон економската симбиоза со САД - таканаречената „Chimerica“ ​​(China + America). Ако во НР Кина врв земат проамерикански сили, тогаш Русија може да биде во целосна изолација, губејќи ги и девизните резерви, и надворешните пазари. При одржувањето на сегашната економска политика тоа ќе доведе до значителен пад на животниот стандард и ќе создаде закана за евроазиска интеграција.

3. Изолација и мобилизација

Суштината на ова сценарио е во тоа што „сè уште присутниот во Русија научно-производствен, воено-технички, природно-ресурсен и интелектуално-духовен потенцијал“ ќе ѝ овозможи на земјата да преживее и дури да се развие врз основа на создавање на мобилизациона варијанта на економијата. „За тоа ќе бидат потребни нови кадри и во органите на државната власт, и во бизнисот“, предупредува Глазиев.

4. Американска колонизација

Еве како експертот гледа на извршувањето на ова сценарио: во услови на економски тешкотии во Русија се враќа доминацијата на проамериканските сили во внатрешната политика. За да се укинат санкциите, се прават отстапки под притисок на Западот. Тоа предизвикува нагло зајакнување на американската агресија, доаѓаме до организирање на „обоена револуција“ и утврдување на марионетски режим, како што се случи во 1991 и во 1993 година.

Овој марионетски режим прави нуклеарно разоружување и дезинтеграција на постсоветскиот простор. Економијата на Русија се приватизира од американско-европски транснационални компании, а Средна Азија станува зона на доминација на Кина.

Глазиев сепак забележува дека смената на администрацијата во САД дава надеж дека антируската агресија ќе престане.

5. Кинески протекторат

Ако Русија не помине на стратешко планирање на економскиот развој врз основа на сопствени извори на кредитирање, тогаш вистинска содржина на „стратешкото партнерство со НР Кина“ ќе стане потчинетост на еволуцијата на руската економија на интересите на кинескиот пораст, вели Глазиев.

„Масовните кинески инвестиции се насочуваат кон развојот на руските горивно-енергетски, земјоделски и транспортни комплекси кои се преориентираат кон потребите на кинескиот пазар. Воено-индустрискиот комплекс (ВПК) се развива во согласност со целите на надворешната безбедност во интересите на Организацијата на договорот за колективна безбедност и на Шангајската организација за соработка. Остатоците од потенцијалот на граѓанската високотехнолошка индустрија ги освојуваат мешаните кинеско-руски претпријатија. Русија го задржува политичкиот суверенитет и рамноправното воено-политичко партнерство со НР Кина“, прогнозира Глазиев.

За успешно спротивставување на агресијата на САД кинеската економија има потреба од руската примарна и енергетска база. И кај ова сценарио руската економија „станува кинеска периферија“.

6. Комплекс од самостојни енклави

Глазиев го разгледува и сценарио на статус кво. Во овој случај економијата на Русија и на целата Евроазиска унија „тешко дека ќе го издржи тестот на јазот од спротивниот притисок вршен од САД и Кина, меѓу старите и новите центри на светската економија“.

На крајот руската економија, при такво сценарио, ќе стане комплекс од слаби меѓусебно поврзани енклави кои служат како различни сегменти на глобалниот пазар.

Ова ќе создаде предуслови за дестабилизација на политичката ситуација и транзиција кон варијантата „Американска колонизација“.

7. До 10% зголемување на бруто домашниот производ

Русија ќе треба да смогне сили за да премине кон стратегија за претекнувачки развој преку создавање на производство од нова технолошка природа.

Во овој случај Русија и Евроазискиот економски сојуз (ЕАИС) би можеле да одат во чекор со Кина. Сегашниот слаб удел на ЕАИС во светската економија може да се компензира само во рамките на надворешниот круг на евроазиски интеграција, градејќи преференцијални режими на трговско-економска соработка со брзорастечки земји од Евроазија. Првиот договор за создавање на таков режим во формат на зона за слободна трговија веќе е склучен со Виетнам.

Во ова сценарио, прогнозира Глазиев, стапките на пораст на руската економија ќе достигнат максимални вредности - до 10% годишно зголемување на БДП и 20% зголемување на инвестициите.

Текстот на руски јазик на сајтот на газета.ру. 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња