Русија го обновува производството на ракетно гориво

Рамиљ Ситдиков / РИА Новости
Тајната фабрика за производство хидразин е изградена и ќе биде пуштена во употреба оваа година.

Русија повторно почнува самостојно да произведува хидразин – гориво за ракетни мотори и за космички апарати. Изградбата на оваа фабрика во Нижегородската Област (околу 400 километри од Москва) беше завршена кон крајот на февруари од страна на една од потструктурите на рускиот космички ресор Роскосмос.

До неодамна испораката на хидразин во Русија беше забранета поради санкциите: овој вид гориво, меѓу другото, се користи и во воените програми.

Проектната моќност на новиот комплекс ќе изнесува 15 тони годишно, соопштуваат од службата за односи со јавноста. Обемот на инвестициите, точната локација на фабриката и други детали не се откриваат. Во моментов во фабриката се тестира опремата и се подготвува започнувањето на производството. Отворањето е планирано за годинава.

Од што е составен и каде се користи хидразинот

„Сам по себе хидразинот е мошне едноставна органска материја – две молекули азот и четири водород. Во ракетната техника се применува негов дериват, кога еден од молекулите на водородот се заменува со посложено соединение. Тогаш се добива повеќе водород, па горивото станува поефикасно, односно се ослободува повеќе енергија на килограм тежина“, појаснува Иван Моисеев, научен раководител на Институтот за космичка политика.

Хидразинот се користи на горните нивоа на вселенските ракети – во блоковите за засилување. Современите ракети најчесто се лансираат најпрво во ниската орбита, а потоа се користи блокот за засилување за да се упати до потребната орбита, да лета и да маневрира. Колку е поголема масата на горивото, толку е поскап летот. Затоа зголемената ефикасност на горивото дури и за неколку проценти, каков што е случајот со користењето на деривати на хидразинот, суштински ги намалува трошоците.

Според Иван Моисеев, хидразинот е едноставен за производство, но истовремено е и мошне отровен, влегува во групата многу опасни материи или во првата класа на опасност. Неутрализацијата на горивото е мошне скапа. Згора на тоа, за производство на високоефикасно гориво – деривати на хидразин – постојат посебни барања. Порано во Русија беше поевтино тие да се купуваат, но сè се измени со санкциите.

Каде го произведуваа и каде го купуваа

До 1993 година во Русија хидразинот се произведуваше само во Новосибирската област (во Сибир). Потоа земјата почна да го купува од странство, најмногу од Германија од компанијата „Кајзер тред“.

Во 2014 година, поради заострувањето на меѓународните односи, испораката на хидразин за РФ беше прекината. Тогаш во Роскосмос почна да се зборува за можни проблеми со лансирањето на „Протон-М“, а, исто така, и на новите интерконтинентални балистички ракети „Сармат“.

Силното ембарго не траеше долго. Веќе во октомври 2015 година Европската Унија реши да ја продолжи испораката на хидразин и на негови деривати во Русија. Сепак, тој можеше да се користи само за лансирање на европските космички апарати и за заедничките програми со Европската вселенска програма, каков што е примерот со „ЕксоМарс“.

Според претставниците на Роскосмос, во Русија дотогаш беше собрано доволно количество резерви од горивата што влегоа под санкции. Но, без оглед на тоа, беше решено да се започне со производство на хидразин во земјата. Освен во Нижегородската Област, се реализира уште еден проект во Башкортостан (1.300 километри источно од Москва) во фабриката „Гаспром нефтхим Салават“.

Што уште ќе се произведува?

Се обновува производството и на други видови гориво што се најдоа под санкции. Така, до 2018 година во Салаватската хемиска фабрика ќе биде обновено производството на нафтил. Тој се користи, меѓу другото, и за воените авиони Т-4. Како што се забележува во годишниот извештај на компанијата, ова е поврзано со прогнозираниот пораст на потребите на ракетно-космичката индустрија на Русија за нафтил до 2020 година за 5.000 тони годишно.

На крајот на 2015 година во Нижегородската Област во фабриката „Синтез“ во Ѕержинск започна производството на еден друг вид гориво што му е потребно на Роскосмос, а кое е под санкции. Станува збор за водород пероксид. Сега ова гориво се користи за ракетните носачи „Сојуз“, а, исто така, и во претпријатијата од одбранбениот сектор.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња