Каква ќе биде цената на барелот нафта?

Ројтерс
Цените на нафтата од марката Брент паднаа под 40 американски долари за барел, што е прв пад под оваа граница за последниве седум години. Руските нафташи се принудени да ги одложуваат разработките на наоѓалиштата.

Во вторникот на 8 декември јануарските фјучерси на Брент се продаваа за 40.44 американски долари за барел, но во текот на денот цената падна на 39.85 долари за барел. Нафтата поевтинува втора сесија по ред: во понеделникот котацијата падна за 5.7%, додека во вторникот за уште 0.7% (според состојбата во 19.00 по московско време). Причина за ова е одбивањето на ОПЕК од петокот за фиксно ниво на експлоатацијата во рамките на традиционалните квоти за картелот. Отсуството на поставување лимит може да значи дека во следната година на пазарот ќе има повеќе нафта од земјите на ОПЕК, вклучувајќи ја и онаа на Иран по симнувањето на санкциите, пишува Блумберг.

Средната цена на Урал на почетокот на годината изнесуваше 52.16 американски долари за барел, а на 8 декември падна на 38.34 американски долари за барел. Според податоците на Министерството за енергетика, економијата на руските компании им дозволува да заработуваат и при цена на нафтата пониска од 50 американски долари за барел. Но, со моменталниот систем на даноци на ваквите цени, тие нема да имаат средства и стимул да инвестираат во разработка на нови наоѓалишта.

Прогнози на руските нафташи

Големите компании веќе донесоа одлука за замрзнување на проектите. Најголемиот експлоататор на нафта во Русија „Роснефт“ ги помести роковите за разработка на девет наоѓалишта.

Претседателот на „Роснефт“ Игор Сечин уште на Економскиот форум во Санкт Петербург во јуни зборуваше за тоа дека постојните цени на нафтата (тогаш барелот Брент чинеше околу 63 американски долари) не им овозможуваат на нафташите да си ги повратат трошоците. За да се избегне нов ценовен шок и критични финансиски загуби, цената на нафтата, според него, треба да се врати на 80 американски долари за барел. Но, на крајот на ноември Сечин изјави дека не очекува закрепнување на пазарот пред втората половина на 2017 година. Каква цена оваа државна компанија планира во буџетот за следната година, нејзиниот претставник не прецизираше.

Лукоил го гради својот буџет за 2016 година, тргнувајќи од „конзервативната прогноза“ од 50 американски долари за барел, изјави кон крајот на ноември потпретседателот и сосопственик на компанијата Леонид Федун. Но, доколку цените на нафтата се вратат во дијапазонот од 65-90 американски долари за барел, нафташите ќе можат да продолжат со истражување на нови наоѓалишта, меѓу другото и на Арктикот, изјави летово првиот човек на компанијата Вагит Алекперов.

„Гаспром нефт“ се придржува на конзервативниот приод и ја фиксира цената на 45 американски долари за три години одеднаш, изјави во ноември финансискиот директор на компанијата Алексеј Јанкевич. Истата прогноза ја има „Руснефт“ – 45 американски долари за барел и 70 рубли за долар, изјави во вторникот во интервју за телевизијата Росија 24 основниот сопственик на компанијата Михаил Гуцериев. „За сметка на курсната разлика и даночните маневри ние практично работиме на работ на рентабилност. Се надеваме на добивка по 2018 година“, предупреди тој.

Најоптимистичка прогноза има „Башнефт“. Компанијата го определува буџетот за следната година, тргнувајќи од цената 60 американски долари за барел, соопшти по резултатите од третиот квартал финансискиот директор на компанијата Алексеј Лисовенко.

На руските нафташи им помага курсот на рубљата, кој паѓа заедно со нафтата, како и еластичните стапки на даноците: средно компаниите од оваа гранка се без загуба кога цената на нафтата е околу 30 американски долари за барел, а за „Роснефт“ и за „Башнефт“ оваа линија е уште пониска – помалку од 20 американски долари за барел, велат аналитичарите на Merrill Lynch во својот годишен извештај. Критично ниво за странските компании како што се BP, Total и Eni, според пресметките на банката, е паѓањето на цената пониско од 60 американски долари за барел.

Прогноза на владата

Основното сценарио на Министерството за развој за 2016 година предвидува цената на нафтата Урал да изнесува 50 американски долари, а конзервативното 40 американски долари за барел. Притоа, според конзервативното сценарио, нафтата на нивото од 40 американски долари за барел ќе остане до 2018 година. Падот на цените на нафтата е долгорочен тренд, кој е поврзан со губењето на клучниот поттикнувач на пазарот на нафта – побарувачката од Кина, смета поранешниот министер за финансии, претседателот на Комитетот за граѓански иницијативи Алексеј Кудрин. Според него, нафтата со цена пониска од 50 американски долари за барел ќе остане и по претседателските избори во 2018 година, а тоа ќе биде стимул за спроведување реформи,

Целиот материјал на rbcdaily.ru

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња