Медведев најави намалување на зависноста на Русија од нафтата

Дмитриј Астахов / РИА Новости
Приходите од нафта и од гас за првпат обезбедија помалку од половината од федералниот буџет на Русија. Земјата треба да размислува за намалување на зависноста од нафта и да се сконцентрира на четири сфери: инвестициска зависност, замена на увозот, реформи на државното управување и поекономична буџетска политика. Ова го рече премиерот на РФ Дмитриј Медведев на форумот во Сочи.

Приходите од нафта и од гас за првпат обезбедија помалку од половината од федералниот буџет на Русија, изјави на Сочинскиот меѓународен економски форум претседателот на руската влада Дмитриј Медведев. Според него, своја улога во овој процес одиграле паѓањето на цените и еластичната курсна политика, но тенденцијата треба да се поддржува, дури и кога цените на нафтата ќе се вратат во нормала. Како што смета Медведев, приходите од нафта и од гас не треба да бидат основен извор за полнење на буџетот, а надминатите приходи од нафтата треба да се насочуваат кон самостојните фондови.

Основни измени

Во последнава година во светската и во руската економија се случија голем број промени, забележа Медведев. „Бизнисот не треба да ги разделува, туку да ги обединува земјите, а ваквите контакти ги поврзуваат државите подобро од која било политика“, изјави премиерот. Според него, темпата на пораст во светот продолжуваат да не бидат високи, дури и во САД тој е понизок одошто очекуваа експертите, а во Европската Унија се забележува нулта пораст.

Според рускиот премиер, нестабилноста во светската економија и политика најмногу се одразиле врз позициите на земјите во развој. „Руската економија е заложник и бенефицијар на глобализацијата. Русија не може да ги игнорира глобалните трендови, концентрирајќи се на сопствениот развој“, изјави тој.

Згора на тоа, според Дмитриј Медведев, „руската економија веќе година и пол мора да се справува со невиден досега санкциски притисок од страна на Западот, при што на многу места за земјата во целост е затворена сферата на технологиите“. Сепак, како што изјави рускиот премиер, власта била свесна за ваквите последици, така што свесно донела политички решенија, кои доведоа до санкции од страна на Европската Унија и на САД.

Стратегија за иднина

Во Русија започна привлекувањето на експертската јавност во стратегијата за развој на земјата до 2030 година, изјави премиерот. Според него, во новата стратегија за развој владата ќе има четири приоритети:

1. Инвестициска активност

2. Замена на увозот

3. Квалитетот на државното управување

4. Буџетска политика

Според рускиот премиер, стимулирањето на инвестициската активност ќе биде еден од основните вектори во работењето. „Задачата се состои во тоа да се симнат бариерите што му пречат на (приватниот) капирал да дојде на пазарот“, рече тој. Според Медведев, во текот на една година во Русија се создадени неколку институции за привлекување приватни инвестиции во економијата, односно, почна да работи Фондот за развој на индустријата кој им помага на претпријатијата во ран стадиум, а владата, исто така, отвори пристап кон финансиските инструменти на поширок круг инвеститори.

Од друга страна, замената на увозот, според Медведев, претставува најважен елемент на структурните реформи, а конкурентноспособните претпријатија ја прават економијата поизбалансирана. „Враќањето на руските производи на пазарот претставува прв чекор, максималната задача е да се создаде конкурентноспособно производство“, рече тој. Во некои гранки, на пример во прехранбената индустрија и во производството на лекарства тоа може да се реализира побрзо, кај други, како што е машиноградбата, циклусот на инвестицијата е подолг.

Според Медведев, сите земји кои направија силен продор, го направија тоа поради реформата на државната власт. Згора на тоа, во блиска иднина поради намалување на приходите и падот на цената на нафтата буџетската политика ќе стане построга. „Буџетот за 2016 година се формира врз основа на овој принцип, а заштитени делови ќе останат само меѓународните обврски, безбедноста, земјоделството и социјалната политика“, рече премиерот. За останатите делови државните трошоци ќе бидат намалени.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња