Извор: Марина Лицева / ТАСС
Во првиот квартал од 2015 година бројот на руски туристи во странство се намалил за 40% или за 1.3 милиони. За ова сведочат податоците на Рускиот завод за статистика, кој претставува официјална статистичка организација во Русија, соопштува информациската агенција ТАСС. Според податоците, традиционално популарните дестинации за руските туристи како што се Шпанија, Италија, Грција и Египет изгубиле 41%, 31%, 29%, односно 25%. Притоа Црна Гора и Хрватска ја посетиле само 8%, односно 3% помалку Руси. Слични податоци даваат и други извори. Според известувањето на Европската комисија за туризам, бројот на барања за виза за Европа во првиот квартал од 2015 година паднал за 30% во однос на истиот период минатата година.
Основни причини
Од гледна точка на туристичкиот бизнис паѓањето на патувањата во странство се должи на состојбата на финансискиот пазар. Како што говорат податоците од Рускиот завод за статистика, во април 2015 година реалната плата на Русите на годишно ниво се намалила за 13.2%, а номиналната пораснала само за 1%. Порастот на цените на стоките и услугите го намалило нивото на приходи, кое од почетокот на 2014 година е доведено на минимално ниво од 66.8%. Делот од приходите пренасочени на штедење е пораснат за 17.4%.
„Од декемврискиот максимум на американскиот долар во однос на руската рубља е ослабен за речиси 38%, а еврото за речиси 43%. Руската валута како и претходно е многу ослабена во однос на нивоата од почетокот на минатата година“, вели аналитичарот на инвестицискиот холдинг Тимур Нигматулин. Според него, меѓу другото, ова автоматски доведува до значително зголемување на цените за одмор и за деловни патувања во странство изразени во рубли. Според податоците на Руската агенција за туризам, организација која собира информација за патувањата на Русите, претходно руските туристи кои заминувале во странство, од земјата изнесувале околу 55 милијарди американски долари. „Треба да вложиме напори поголем дел од овие парични средства да остане во Руската Федерација и да работи за економијата на нашата земја“, изјави во јуни 2015 година на состанокот со Владимир Путин првиот човек на Руската агенција за туризам Олег Сафронов. Ваквата стратегија веќе ги покажа првите резултати.
Планови за иднина
Според податоците од Руската агенција за туризам, во 2014 година во Русија патувале повеќе од 41 милиони лица, што е за 30% повеќе од 2013 година. „Гледаме тенденција на промена на туристичкиот тек. Професионалците забележуваат двојно зголемување на бројот на туристи кои заминуваат во зимските одморалишта во Русија“, вели Галина Дехтјар, професор на катедрата за управување со бизнис-процесите во сферата на производството и услугите при Институтот за гранков менаџмент на Руската академија за народно стопанство и државна администрација. Според неа, во мај 2015 година „победници според патувањата“ биле Египет и Турција, иако и за овие дестинации бројот на туристи нагло опаднал. Сепак, како што забележува Галина Дехтјар, како приоритет сега се смета развојот на туризмот во Краснодарскиот крај, во Сочи, а исто така и во Крим.
Впрочем, според експертите, интересот за европските правци тешко дека ќе ослабне. „Доколку зборуваме за Европа со нејзиниот огромен број споменици на историјата и културата, таа секогаш ќе биде интересна за руските туристи“, вели Галина Дехтјар. Сепак, според неа, желбата на Русите за патувања во Европа сега е намалена поради политичката ситуација, поради негативниот однос кон руските туристи во низа земји, а исто така и поради високиот курс на девизите. „Бидејќи поради политиката на Европската централна банка рубљата во однос на еврото е ослабната во помала мера одошто во однос на другите девизи, очекувам опаѓање на туризмот во Еврозоната само за 10-20’ во 2015 година“, вели Тимур Нигматулин.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче