Гаспром се договори за деталите за Турски тек

Извор: Алексеј Филипов / ТАСС

Извор: Алексеј Филипов / ТАСС

Новиот гасовод од Русија во Турција ќе поминува по првичната маршрута на Јужен тек. Проектот ќе биде реализиран до 2020 година кога рускиот монопол Гаспром планира да го прекине транзитот преку Украина. Според експертите, руската компанија беше принудена да им излезе во пресрет на турските партнери при изборот на маршрутата, па дури е подготвена и да им даде попуст за гасот.

Гасоводот Турски тек со моќност од 63 милијарди кубни метри гас од Русија во Турција ќе биде поставен на дното на Црното море според основната маршрута на Јужен тек. Ова по средбата со министерот за енергетика на Турција Танер Јилдиз го изјави првиот човек на Гаспром Алексеј Милер, известува рускиот бизнис-весник Комерсант. Според него, во 2020 година Гаспром планира да го прекине транзитот на гас преку Украина, па затоа до тој момент треба да биде изграден Турски тек, а Европа треба да изгради гасовод за добивање 63 милијарди кубни метри гас од Турција. Околу 660 километри од гасоводот ќе минува по стариот коридор на Јужен тек и 250 километри по коридорот во правец на европскиот дел од Турција. 

Детали од спогодбата  

Според него, избраната варијанта не е толку лоша, со оглед на тоа дека фактички повеќе од 70% таа е Јужен тек, кои се веќе проектирани. Во рамките на Јужен тек требаше да биде изграден гасовод од Русија кон јужна Европа, но руската компанија се откажа од проектот поради позицијата на Бугарија, која, пак, ја прекина работата на гасоводот по барање на Европската комисија. Како резултат на тоа на 1 декември 2014 година претседателот на Русија Владимир Путин објави дека Русија се откажува од реализацијата на Јужен тек за време на својата посета на Турција.

Според мислењето на руските експерти, руската компанија била принудена да им излезе во пресрет на турските партнери. „Гаспром настојуваше на друга варијанта, според која подводниот дел од гасоводот би поминувал паралелно со гасоводот Син ток, а ваквата можност ќе беше поевтина за монополот“, вели главниот аналитичар на UFS IC Иљја Балакирев.  

Главна сложност на проектот Турски тек е отсуството на спогодба за крајната цена на гасот. Ова го изјави турскиот министер Јилдиз во интервју за телевизијата NTV. Всушност, според податоците на весникот Комерсант, турската страна бара голем попуст на гасот од 15%. „Ваквиот попуст за Турција може да биде разгледан како надоместок за отсуство на земја-транзитер“, вели доцентот на катедрата за државно регулирање на економијата при Руската академија за народно стопанство и државна администрација Иван Капитонов. Сепак, притоа, според него, Турција станува транзитер. „Тоа што проектот во моменталниот вид со себе носи ризици за поставување на својата позиција од страна на Турција беше јасно од самиот почеток и, веројатно, Турција ќе добие некаков попуст“, смета Иљја Балакирев. 

Заеднички планови 

Гасот за Европа преку Турција
Рускиот гасен монопол „Гаспром“ им предложи на европските потрошувачи да изградат гасоводи за транспорт на гас од Турција – имено преку оваа земја од 2020 година Русија планира да доставува гас, заобиколувајќи ја Украина. Новиот проект треба да го замени Јужен тек, од кој Русија реши да се откаже поради спорот со Европската комисија.

Според Иљја Балакирев, пуштањето во употреба на првата линија ќе овозможи да се намали транзитот преку Украина за една четвртина веќе во 2017 година, па затоа дадениот попуст би требало да се исплати. Со изградбата на морскиот дел од гасоводот Гаспром ќе се занимава самостојно, а во реализацијата на надземниот дел од страна на Турција ќе се придружи компанијата Botas. Како што изјавија за „Руска реч на македонски“ од службата за односи со јавност на Гаспром, основни задачи на компанијата се анализа на варијантите на маршрутата на територијата на Турција и определување на точките на излегување од морето. 

„Многу е поважно тоа што Русија и Турција постигнаа принципиелна спогодба за проектот, потврдувајќи го заемниот интерес, изразен преку подготвеноста за негова реализација, преку определените клучни параметри на гасоводот, така што со сето тоа се зголемуваат шансите за негова реализација и тоа во стегнати рокови“, вели водечкиот експерт на управувачката компанија Финам Менаџмент Дмитриј Баранов. Како што од своја страна забележува генералниот директор на компанијата за консалтинг Аркаим Александар Дорофеев, за Русија успехот на преговорите се состои во тоа што ќе се појави дополнителен канал за испорака на гас во Европа, со што ќе се обезбеди работа во домашните наоѓалишта и дополнителна извозна добивка. „Европските земји во секој случај, дури и преку Турција, ќе го купуваат овој гас, со оглед на тоа дека неговата цена сепак ќе биде најниска во споредба со цената на увозниот компресиран гас“, вели Дорофеев.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња