Поштенски марки: Русија и Македонија

Игор Бансколиев / Нова Македонија
Во пресрет на 23-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу Руската Федерација и Република Македонија денес во 12 часот во салата на „Порта Македонија“ беа промовирани марките „Русија-Македонија“. „Руска реч на македонски“ ги проследи настанот и носи оттаму куса репортажа.

Оваа година Руската Федерација и Република Македонија одбележуваат 23 години од воспоставувањето дипломатски односи. По неколкугодишен прекин кој беше предизвикан од распадот на двете федерации – Социјалистичката Федеративна Република Југославија и Советскиот Сојуз на Социјалистички Републики – Република Македонија и Руската Федерација на 31 јануари 1994 година воспоставија дипломатски односи на ниво на амбасади како самостојни и суверени држави. Ваквиот чин беше означен со потпишување меѓудржавна спогодба со размена на ноти меѓу Министерствата за надворешни работи на двете земји.

Русија ја призна независноста на Република Македонија на 4 август 1992 година, додека дипломатските односи беа воспоставени на 31 јануари 1994 година.

Оваа година како знак на пријателството и на одличните дипломатски врски помеѓу Русија и Македонија акционерското друштво „Македонски пошти“ и издавачкиот центар „Марка“ од РФ издадоа две поштенски марки кои се насловени како „Русија-Македонија“.

Како основа за марките беше избрана темата која претставува вековна традиција на двете земи, а тоа се црковните архитектонски градови Санкт Петербург и Охрид. На марката која ја претставува Македонија е прикажан храмот на свети Јован Богослов на Канео на брегот на Охридското езеро, кој е познат не само во Македонија и во православните земји, ами и ширум светот. Прекрасниот пејзаж на оваа марка ќе биде вистински рај за очите за оние Руси кои никогаш не биле во Македонија, а кои мечтаат да го посетат Охрид и неговите историски споменици, меѓу кои и овој храм.

На марката посветена на Русија, пак, е прикажан Троицкиот собор во Санкт Петербург, еден од најпознатите храмови на северната руска престолнина, чија реставрација заврши неодамна. Камен-темелникот на овој собор во неговата сегашна форма е поставен на 13 (25) мај 1928 година, а на негово место претходно постоеле два храма. На свечениот чин присуствувале и императорката Марија Фјодоровна и принцот Александар Николаевич. На 25 мај (6 јуни) 1835 година митрополитот московски Филарет (Дроздов) го осветил храмот, со што тој официјално започнал да функционира. Историјата на храмот бележи многу неочекувани пресврти: пожари, војни, затворања. Во советскиот период овој храм бил претворен во магацин, а потоа во сала на конзерваториумот. По пожарот од 2006 година беше донесена одлука за негова реставрација која траеше цели десет години. Во овој храм се чуваат моштите на Василиј Велики, Јован Златоуст и на Григориј Богослов.

На 6 октомври 1994 година руското претставништво во Скопје прерасна во Амбасада на Руската Федерација. Истата година, македонската Канцеларија за врски во Москва започна да функционира како Амбасада на Република Македонија.

На промоцијата на марките говореа заменик-директорот на „Македонска пошта“ Гоце Боболински и амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија н.е. Олег Николаевич Шчербак. Автор на марката е Лоран Фало од Бирото за филателија на Македонија. Нејзината номиналната вредност изнесува 144 денари, а е отпечатена во тираж од 10.000 примероци. „Поштенската марка е многу повеќе  од плаќање поштарина за поштенските пратки. Таа претставува предизвик како за издавачите така и за самите колекционери, пред сè поради содржината или пораката што тие ја испраќаат“, рече Боболински во својот говор. Тој, исто така, изрази надеж дека новата марка како мало уметничко дело ќе се најде на поштенските пратки и во колекциите на голем број филателисти, но и дека ќе помогне за промоција и развој на туризмот.

Амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија н.е. Олег Николаевич Шчербак.  / Игор Бансколиев / Нова МакедонијаАмбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија н.е. Олег Николаевич Шчербак. / Игор Бансколиев / Нова Македонија

Во својот говор амбасадорот Шчербак подвлече дека односите помеѓу рускиот и македонскиот народ воопшто не се засноваат на кусиот период на воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу двете земји и дека имаат длабока и цврста основа, заеднички вековни духовни, јазични и културни корени. „Во Русија со големи симпатии гледаат на пријателскиот, братски народ на Македонија, го ценат постигнатото ниво на развојот на нашите земји. Нивната главна особина е што тие секогаш се граделе на принципот на рамноправност, на заемно почитување и невмешување во внатрешните работи една на друга. Уверен сум дека нашите билатерални односи имаат голем потенцијал. Руската Федерација е подготвена и понатаму да ја развива соработката со Република Македонија во сите сфери онолку длабоко и широко, колку што се подготвени нашите македонски партнери и пријатели“, подвлече амбасадорот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња