Упатство за преживување на руската зима

Кирил Кухмар / ТАСС
Дури и ако никогаш не сте биле назима во Русија, веројатно сте слушнале дека кај нас во тоа време е многу студено, дека луѓето не возат автомобили, ами дека јаваат на специјално обучени мечки на кои вотката им служи како гориво и многу други занимливости. Во ова упатство ќе се обидеме да ви дадеме неколку совети кои ќе ви помогнат да се подготвите за зимување во Русија.

Зиме во Русија е навистина ладно. Во секој случај, температурата во европскиот дел од Русија редовно се спушта под минус десет, а во определени подрачја живата во термометарот покажува и многу пострашни бројки. На пример, во Сибир понекогаш е и минус 50. Сепак, сите странци се чудат кога некој Русин ќе дојде и ќе каже „Ама е ладно!“, иако надвор е нула и само дува ладен и влажен ветар. Да бидеме отворени: зимата во Русија е навистина ладна, но Русите не се поотпорни на студови од другите луѓе. И ним им е ладно кога температурата е некаде околу нулата.

Понекогаш навечер почнува да паѓа снег, и потоа паѓа многу долго. Снегот назима не може да изненади никого, освен комуналните служби. Кога навечер ќе падне снег, наутро никаде не може да се мине зашто машините за чистење снег ги заземаат сите ленти на патиштата, а растојанието до вашата дестинација е трипати поголемо, дури и ако треба да минете само неколку населби. И покрај тоа, доколку сте цврсто решени да одите со автомобил, ви советуваме наутро да станете еден час порано. Тоа ќе ви биде доволно за да ја најдете својата кола, да ја исчистите од снег и да ја загреете.

Да, на автомобилите не им се пишува добро назима, но уште полошо поминуваат обувките. Асфалтот на пешачките патеки обилно се насипува со специјален хемиски реагенс, по што на тротоарот навистина нема снег, но нема шанси да минете по таков тротоар, а обувките да не ви се извалкаат. Дамките потоа многу тешко можат да се отстранат.

Зимата во Русија може да дојде и да замине кога тоа не се очекува. Понекогаш температурата во декември е над нулата, што секако не придонесува за подобро новогодишно расположение. Луѓето помалку се радуваат кога нема навеви, кога го нема оној снег што искри, кога во парковите никој не оди на скии, а децата не се санкаат и не прават снешко. Но, сепак, не треба да се опуштате, зашто тоа по правило значи дека во април (кога во поголемиот број земји луѓето се подготвуваат за одмор на плажи) Русите мораат да носат шалови. Патем, тоа е проблем и за возачите. Тие тешко можат да проценат кога да стават зимски, а кога летни гуми.

Русите често се шегуваат дека се најсигурни оние романтични односи што се воспоставуваат во текот на зимата. Имено, доколку двајца успеала да се исполнат со меѓусебни симпатии и да согледаат нешто убаво во другата личност под три џемпери и две јакни, тоа значи дека нивните чувства се вистински и дека ќе траат долго. Барем така се зборува. Ние тоа не можеме ниту да го потврдиме, ниту да го негираме, но ве предупредуваме. Сепак, не ви советуваме да се облекувате лесно.

Паркирани автомобили со насликано лице на нивните ветробрани по снежните врнежи во Краснојарск, Сибир, Русија. / РојтерсПаркирани автомобили со насликано лице на нивните ветробрани по снежните врнежи во Краснојарск, Сибир, Русија. / Ројтерс

Зимата во Русија се асоцира со нешто волшебно како од скаските, со нешто што ѝ претходи на Новата година, а таа е во Русија најголем зимски празник. Католичкиот Божиќ во Русија поминува речиси незабележано, но сепак во текот на цел декември се чувствува претпразничната забрзаност, а и во продавниците треба да внимавате да не се судрите со некој друг купувач кој во рацете носи куп подароци. На улиците се прават лизгалишта и се организираат панаѓури, се поставуваат елки и на сите начини се создава празнична атмосфера.

Доколку планирате деловна средба на крајот од декември, најдобро е веднаш да ја одложите за средината на јануари. Колку повеќе се приближува Новата година, расположението на граѓаните на Русија се менува и станува празнично, и сè е помала желбата да се прави нешто што не е поврзано со купување подароци и со китење елка. Првите 8 дена од јануари целата земја официјално не работи. Поради тоа е подобро одговорните работи и активности да ги оставите за подоцна.

Може да се случи во Русија да нема пролет или есен, но зимата нема каде да избега, дури и ако дојде во април. Доколку сте решиле да зимувате во Русија, тоа ќе биде незаборавно искуство – низ животот ќе понесете многу убави спомени и чувства.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња