Баба Лена.
Екатерина Папина„Мене дури сега ми започнува животот“, се шегува Елена Ерхова 89-годишна бабичка од Краснојарск (Сибир, 3.350 километри источно од Москва). Таа секој месец одвојува од својата пензија по 10.000 рубли (155 американски долари) и сосема сама патува низ свет, воодушевувајќи ги со својата животна енергија туристите со кои попатно се среќава.
Во својата младост Ерхова не патувала многу, зашто немала кога. Кога имала 15 години Германија го нападнала Советскиот Сојуз и младата колхозница заминала да работи во тилот на фронтот. Потоа дошло време да се обновува разурнатата земја, а набргу потоа се спуштила „железната завеса“ и мнозинството советски граѓани можеле само да сонуваат за патувања во капиталистичките земји. За тоа време Елена посетила само различни краишта на Советскиот Сојуз. Била во Санкт Петербург, во Литванија и во Казахстан. Надвор од границите на поранешниот социјалистички блок Ерхова почнала да патува дури во својата 83 година.
Екатерина Папина
Ерхова прима пензија со додаток, со оглед на тоа дека работела во тилот на фронтот за време на Големата татковинска војна. Освен тоа таа одгледува цвеќе за продажба и плете по нарачка. Секој месец одвојува по 155 долари и еднаш годишно заминува во нови туристички „авантури“. Патува на „старински начин“ – нема дури ни мобилен, но затоа носи фотоапарат и ранец. Најмногу сака да патува со авион. „На почетокот се плашев, зашто претходно никогаш не бев патувала со авион“, вели Елена. „А, сега веќе се навикнав, дури и ми се допаѓа. Воопшто не се плашам“.
„Баба Лена“, како што главно себеси се вика Ерхова, најчесто заминува во Чешка. Веќе пет пати била во Карлови Вари. „Таму веќе подобро се снаоѓам одошто во Краснојарск“, вели таа со насмевка. „Тука одам само до продавница, а во Вари има многу интересни нешта“. Прочуеното чешко одморалиште за првпат го посетила од здравствени причини. Тогаш се запознала со нови пријатели – руски емигранти од Германија. Збор по збор и следниот пат Ерхова заминала на гости во Германија. Во непознатата земја најмногу ѝ се допаднале големите продавници и големиот избор на стока. Не е ни чудо со оглед дека преживеала војна, и глад, и системот на „точки“ во повоениот период, и постојаниот дефицит во советско време.
Луѓето се дружељубиви кон Елена и во Германија и во другите земји. На оваа жена често обрнуваат внимание емигрантите и туристите, и на секој можен начин ѝ помагаат – ја примаат на гости, ја водат насекаде и ѝ ги покажуваат знаменитостите.
По една таква средба Ерхова стана позната низ цела Русија. Имено, московјанката Екатерина Папина била на годишен одмор во Виетнам и таму за време на појадокот во хотелот се запознала со Елена и поразговарала со неа. Бабичката ѝ оставила силен впечаток и таа решила максимално да ѝ го разубави престојот во Виетнам. Така „баба Лена“ возела мопед, пиела коктели и пробала виетнамски специјалитети, а кога се вратила во Русија излегло дека веќе станала позната личност. Воодушевената Папина на Фејсбук напишала текст за „баба Лена“ кој за две недели имал речиси 15.000 репостови. Сега оваа светска патничка ја опкружуваат новинарите, се туркаат пред нејзината врата и ѝ се јавуваат. Елена не се лути. „Ми се допаѓа што станав позната во целата земја“, признава таа.
Екатерина Папина
Ерхова сега има профили на Инстаграм и на Фејсбук. За волја на вистината не ги одржува самата – во тоа и помагаат новинарите и внукот. Туристичките агенции на ова нова „медиумска ѕвезда“ ѝ нудат патувања по симболична цена. Сбербанк ѝ ветува дебитна картичка „Активна возраст“ и патување во кој било дел од светот. Така „баба Лена“ отпатувала во Израел, каде се капела и јавала на камила. А, за својот 90 роденден планира да замине или во Италија или во Доминиканската Република. „Таму е вистински рај! Барем така велат“, изјавува баба Елена.
Екатерина Папина
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче