Што треба да се знае за Ломоносов

Московскиот државен универзитет „Ломоносов„.

Московскиот државен универзитет „Ломоносов„.

Lori / Legion-Media
На 19 ноември се одбележува 305 години од раѓањето на Михаил Ломоносов. „Руска реч на македонски“ ја раскажува приказната за селанецот од рускиот север, кој стана еден од најголемите научници во светската историја.

Ломоносов е роден во 1711 година на северот од Русија во Архангељската област (989 километри северно од Москва), во семејство на селанец кој, како и неговите предци, одел на море за да лови риба. За таткото на Ломоносов се вели дека бил добар човек, но „воспитан крајно невнимателно“, што не може да се каже за него самиот – од детство тој со задоволство учел и веќе во селото изучил неколку научни книги.

Бегство по науката

Селскиот живот постепено станал неподнослив за момчето, меѓу другото и поради караниците со маќеата и желбата на неговиот татко да го ожени против неговата волја. Во 1730 година тој пребегнува во Москва, каде се запишува на Словенско-грчко-латинската академија. Селските деца не ги земале во оваа институција, па затоа Ломоносов се претставувал како „дворјански син“.

Во академијата лесно поверувале дека младичот кој одлично го знаел писмото и математика е дворјанин. Вистински дворјански статус Ломоносов добил во 1745 година заедно со рангот професор по хемија.

„Универзален човек“

Неговото образование траело долго: студирал во Москва, во Киев, во Петербург, во германските Марбург и Фрајбург, и изучил голем број дисциплини – од филозофија до металургија. Во сета своја понатамошна дејност овој научник ја зачувал разнообразноста, занимавајќи се истовремено со многу работи.

Ломоносов го нарекуваат „универзален човек“ и често го споредуваат со Леонардо да Винчи – толку многу широк бил неговиот круг на интереси и знаења. Тој ја усовршил технологијата на создавање стакло, разработувал физички и хемиски теории (за главен повик тој ја сметал хемијата), се занимавал со астрономија, со географија, пишувал учебници по граматика и историски трудови, оди, правел препеви, создавал мозаици.

Освен тоа, овој научник го разработил проектот за создавање на Московскиот универзитет (1755 година), кој го носи неговото име и кој се смета за една од најдобрите високообразовни институции во Русија.

Пред своето време

Професорот по геологија Василиј Докучаев во 1901 година, 136 години по смртта на Ломоносов, откако случајно се сретнал со трудовите на научникот со зачудување констатирал: „Ломоносов одамна во своите трудови ја изложил теоријата, по чија одбрана добив степен доктор на науки, и ја изложил пошироко“.

Постојат и други примери за тоа како Ломоносов бил чекор пред времето. Така, во 1761 година тој прв во светот го открил постоењето на атмосфера на Венера, набљудувајќи ја со телескоп. Претходно, во 1754 година, според документите на Академијата на науките, разработил функционален модел на протохеликоптер – летачки апарат со вертикално полетување со две перки. А, корускуларно-кинетичката теорија на топлината што тој ја разработил ги предвидела претставите за атомите кои ќе се појават по повеќе од сто години – како тркалезни честички што се вртат.

Суров северен карактер

Впрочем, судејќи според спомените на неговите современици, тој не бил „кабинетски“ научник. Во статијата за Ломоносов, Григориј Прутцков, доцент на МДУ, раскажува за тоа дека за време на работата во Академијата на науките Ломоносов јаросно „војувал“ против Германците.

Како еден од малкуте во тој момент Руси во Академијата, Ломоносов ги обвинувал германските колеги за мито и некомпетентност. Според сведоштвата на современиците, еднаш, во 1743 година, Ломоносов „под влијание на испарувањето на виното“, влегол во географскиот оддел, ги прекорувал колегите за незнаење едноставен латински, ги нарекол „отпад“ и покажувал „непристоен знак со прстите“.

Ломоносов не се плашел да го покажува својот крут карактер дури и во споровите со својот влијателен покровител Иван Шувалов, фаворит на императорката Елизавета Прва. Еднаш Шувалов во жижата на расправата викнал по научникот: „Ќе те избркам од Академијата!“. Ломоносов гордо одговорил: „Не, Академијата од мене ли ќе ја избркаат?“.

Восхит за Пушкин

Овој човек кој потекнувал од Северот во високото општество имал и луѓе кои не му посакувале добро. Со него во непријателски односи бил и поетот и драматург Александар Сумароков, кој се сметал за еден од најталентираните творци на своето време. Нивните односи биле толку лоши, што смртта на Ломоносов во 1765 година од воспаление на белите дробови Сумароков ја искоментирал на следниов начин: „Се мавна будалата и повеќе нема да крева врева“.

Сосема поинаков однос за Ломоносов имал големиот поет Александар Пушкин, кој се родил по смртта на научникот. „Ломоносов е голем човек, - пишувал Пушкин, - Во периодот помеѓу Петар Први и Екатерина Втора тој е најсамобитниот пропагатор на просветувањето. Тој го создал првиот универзитет. Подобро кажано, тој бил нашиот прв универзитет“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња