Македонија е нашата втора татковина

06 ноември 2016 Емил Ниами
Ирена Гуржовска е млада девојка од Скопје, која е претседател на здружението на младите руски сонародници „Русичи“, организација што обединува младинци кои имаат потекло од Русија, а живеат во Република Македонија. Следната година оваа организација ќе го одбележи својот 10-годишен јубилеј, што за „Руска реч“ беше интересен повод за интервју, со цел да дознаеме нешто повеќе за младите руски сонародници во Република Македонија.
Gurzhoska
Софија, Бугарија. Светски младински форум на Руски сонародници. Положување на свежо цвеќе на споменикот на Советската армија. Септември, 2016 г. Извор: Приватна архива

Накратко кажете ни го историјатот на вашата организација „Русичи“?

Здружението на млади руски сонародници „Русичи“ започнува со работа на 24.1.2007г. Овој датум не е случаен, со оглед на тоа што на 25 јануари во Русија се празнува Денот на студентите или попознат како Татјанин ден, а членовите на „Русичи“ се претежно студенти и младинци. За нашето 10-годишно постоење имаме учествувано на многу младински форуми, фестивали и конференции, имаме остварено бројни соработки со младински организации на руски сонародници од Европа, а, исто така, соработуваме и со региони и младински организации од Русија.

Со што конкретно се занимава „Русичи“. Кои се главните цели и задачи?

„Русичи“ е член на Координацискиот совет на руските сонародници во Македонија. Како и на другите здруженија така и нам, една од најглавните задачи ни е зачувувањето на рускиот јазик, култура и традиции. Со нашите активности и настаните што ги организираме сакаме да ја зачуваме нераскинливата врска со нашата татковина, да ги зачувуваме сите обележја на рускиот народ, а, во исто време, да ги приближиме рускиот јазик и култура и до локалното население. Еден од најважните настани за нас е акцијата „Георгиевска лентичка“, која се организира секоја година за 9 мај, Денот на победата.

Градски парк, Скопје, мај 2016. Акција „Георгиевска лентичка“  / Приватна архиваГрадски парк, Скопје, мај 2016. Акција „Георгиевска лентичка“ / Приватна архива

Колку члена брои вашата организација и колку често се собирате за да разговарате за вашите идни планови?

Во моментов во „Русичи“ членуваат 30-ина членови. Се состануваме два до три пати месечно, но тоа зависи и од периодот и настаните што ги имаме планирано. Но, благодарение на социјалните мрежи секојдневно разменуваме идеи и мислења.

Имате ли поддршка од Амбасадата на РФ во РМ и од други официјални структури во земјава и во Русија и во која насока се огледува таа?

Секако, од Амбасадата добиваме безрезервна поддршка. Исто така и од агенцијата Россотрудничество. Што се однесува до официјалните структури во земјава, соработуваме со Рускиот центар при УКИМ.

Каква е вашата релација со руско-македонските друштва? Постои ли соработка со постарите?

„Русичи“ е член на Координацискиот совет на руските сонародници во Македонија. На сите настани организирани од страна на другите здруженија, „Русичи“ е делот без кој ниеден настан нема да биде целосен – ние сме техничката поддршка. Во моментов остваруваме соработка со СПУКИМ и со уште неколку здруженија од другите градови во Македонија. Се надеваме акцијата „Георгиевска лентичка“ наредната година да ја спроведеме низ цела Македонија, не само во главниот град.

Имате ли соработка со младински организации од други земји?

Секако. Тоа се претежно младински организации на руски сонародници. Како организација учествуваме на разни форуми и фестивали каде што се среќаваме со нашите колеги од други земји. Разменуваме идеи, смислуваме заеднички проекти, разговараме за тоа кои треба да бидат нашите следни чекори. Неодамна се вратив од Светскиот младински форум на руски сонародници, кој се одржа во Софија, Бугарија и каде што учествуваа претставници на младински организации од 67 земји. Во февруари минатата година во Скопје организиравме презентација на младинските проекти на Департманот за младинска политика на Јамало-Ненецкиот автономен округ. Еден од тие проекти е и Младинскиот форум-фестивал „Ние сме за мир во целиот свет“ на кој досега 2 пати имаме учествувано во Китен, Бугарија и еднаш во Рига, Латвија.

Китен, Бугарија, Август 2016. Младински форум-фестивал „Ние сме за мир во целиот свет“ / Приватна архиваКитен, Бугарија, Август 2016. Младински форум-фестивал „Ние сме за мир во целиот свет“ / Приватна архива

Колку често имате можност да комуницирате со младите од РФ и на кој начин? Постојат ли заеднички проекти на кои работите?

На сите форуми на кои учествуваме има претставници на младински друштва од РФ. „Русичи“ соработува со Департманот за младинска политика на Јамало-Ненетскиот автономен округ и најчесто учествуваме на нивните форуми. На овогодишниот Светски младински форум на руски сонародници имаше претставници од неколку младински здруженија од РФ, како што се „Националниот сојуз на младински и детски здруженија“, „Рускиот младински сојуз“, „Асоцијацијата на студентски спортски клубови“ и др. Со повеќето од нив се разгледа прашањето за заедничка соработка, но сè уште не можам ништо да кажам за заеднички проект.

Како младите руски сонародници гледаат на Македонија и на нејзината соработка со РФ. Мислите ли дека е потребно да се направи нешто повеќе во оваа насока?

За нас Македонија е нашата втора татковина. Се стремиме да ги зачуваме јазикот и традициите од Русија, но, во исто време, важна ни е земјата во која живееме. Сметаме дека е потребно уште повеќе да се продлабочуваат и да се зацврстуваат пријателските односи што ги имаат Русија и Македонија. Има уште многу што да се направи во таа насока. Започнувајќи од потпишување на договор за признавање на дипломите, зголемување на квотите за стипендии за студирање во РФ итн.

Какви се вашите идни планови како организација?

Во моментов работиме на настаните за 2017 година. Во Русија е прогласена за година на екологијата, па подготвуваме неколку еколошки акции, како на пример чистење на споменикот и паркот на Пушкин во Скопје и др. Покрај помагањето на другите организации од КС, подготвуваме и неколку самостојни проекти, како што е Семинар за ораторство, Руска вечер, се разбира тука е и одбележувањето на некои јубилејни датуми од областа на литературата. Сега сме дел и од големата екипа на Светските квестови „ГРАНИ“, па се надеваме дека кон нашите екипи ќе ни се придружат и младински организации од земјава.

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.