Четиригодишно Русинче зборува 7 јазици

Бела Девјаткина има само четири години, а освен својот мајчин руски јазик веќе успеала да запознае шест странски јазика. Како го постигнале тоа нејзините родители и какво е мислењето на лингвистите?
Bella Deviatkina
Извор: Росија 1

Во октомври годинава Бела стана позната личност благодарение на проектот „Необични луѓе“ на телевизискиот канал „Росија 1“. На социјалните мрежи е мошне популарен видеоклипот во кој е прикажано како девојчесто води дијалог, пее научени песни и зборува за себе на неколку странски јазици.

Мајката на Бела, Јулија Девјаткина, вели дека нејзината ќерка не е вундеркинд, ами дека за нејзинот знаење се заслужни родителите, кои посветуваат големо внимание на „развојот“ на детето. „На секое дете не му се потребни седум јазици, но секое дете може да научи два-три јазика“, уверена е Јулија.

Родителите на Бела се свесни дека во животот таа нема активно да ги користи сите јазици кои ги демонстрираше во споменатата телевизиска емисија зашто тоа е невозможно. „Кога ќе почне да оди на училиште ќе се сконцентрираме на англиски, француски и кинески“, вели мајката на Бела. „Не се плашиме дека на Бела ќе ѝ биде здодевно на часовите. Таа ги поседува знаењата што треба да ги има едно дете, само што на ваквите 'детски' теми таа разговара на различни јазици“.

Мајчин јазик секој втор ден

Мајката на Бела веќе седум години предава англиски на деца, а нејзиниот татко работи во научноистражувачкиот институт „Радио“. И двајцата имаат просечни плати, но сметаат дека „развојот“ на нивната ќерка е најважна инвестиција.

Најпрво оваа брачна двојка сакала нивната ќерка да научи англиски како мајчин. Поради тоа мајката од раѓање разговарала со детето на два јазика – еден ден на руски, а вториот на англиски. Водела сметка јазиците да не се мешаат и му забранувала на девојчето во текот на разговор на англиски да уфрла руски зборови.

Кога Бела наполнила 10 месеци, родителите го додале и францускиот. Таа тогаш не можела да зборува ни на својот мајчин јазик, но родителите ја подвргнувале на вежби во кои изговарале назив на некој поредмет и ја наведувале таа да го покаже со прст.

Бела сè уште не умеела да зборува, но веќе научила да чита. Родителите ѝ го всадувале тоа знаење кога имала пет месеци и тоа со специјални картички. На пример, кога Бела наполнила 10 месеци ѝ покажувале картичка „рака“ на руски и на англиски, а таа ја кревала својата рака. Од една година детето со помош на родителите успеало да совлади 60 вакви картички.

Цртани филмови на кинески

Од две години веќе научила да кажува кратки фрази и брзо да чита на три јазика. Со неполни три години родителите во програмата за „развој“ го додале кинескиот јазик. Според Јулија, нејзината ќерка покажала голем интерес за овој нов јазик. Самата ги молела да ѝ пуштаат цртани филмови на кинески.

Брачниот пар тврди дека од три години и два месеци малата Бела „со задоволство“ почнала да учи шпански и германски, а покрај тоа тргнала и на часови по танц, по виолина и по пеење. Потоа почнала да учи и арапски. Бела шета, игра мижитатара и чита обични детски книги, само што тоа го прави на различни јазици, велат нејзините родители. Сите часови што ги посетува детето се организирани во облик на игра.

Родителите на девојчето му приредуваат забавни патувања со нативни говорители на странските јазици што таа ги учи, ја дале во англиска театарска секција, плаќаат часови по цртање на француски, по танц на шпански и по уметничко лизгање на германски. Освен тоа, родителите редовно за Бела организираат заеднички часови по странски јазици со деца кои исто така се воспитуваат во повеќејазична средина.

Одложено дејство

Научниците велат дека можноста за користење различни јазици и можноста за премин од еден на друг јазик зависи од заемното делување на различни зони на мозокот. Овие зони се активираат во зависност од фонетските особености на јазикот, од неговиот граматички систем, од лексиката и од интонацијата.

Психологот Татјана Дјаченко вели: „Секоа ново искуство се одржува во мозокот со појавување на нервни врски, Хипокампусот кој одговара за памтењето го стимулира растот на нови неврони. Обемот на определени делови од мозокот може буквално да стане поголем“.

Кира Иванова, стручњак од Институтот за лингвистички истражувања при Руската академија на науките, објаснува дека „мултилингвизмот позитивно влијање врз општиот развој на детето, но може да предизвика заостанување во развојот на говорот во раната фаза во споредба со децата што учат само еден јазик“.

Раното учење странски јазик не гарантира дека детето подоцна ќе може да го зборува истиот. „Познавам мајка која со синот на неговата тригодишна возтаст зборуваше само на англиски. Сега тоа момче не може да ја совлада програмата од обично училиште“, вели Марија Молина, научен соработни на Лингвистичкиот институт при Руската академија на науките.

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.