Каде и што студираат странците во Русија?

25 октомври 2016 Игор Розин
Во последно време сè повеќе студенти од различни земји на светот доаѓаат во Русија за да се стекнат со високо образование. Статистиката за академската мобилност на странските студенти во Русија е наведена во инфирмативниот билтен „Факти за образованието“ на Националниот истражувачки универзитет „Висока школа за економија“.
Peoples' Friendship University of Russia (RUDN)
Извор: Дмитриј Астахов / ТАСС

Најголемиот дел од странските студенти (79.2%) се од земјите на поранешниот СССР: од Казахстан, од Туркменистан, од Украина, од Белорусија итн. Потоа следуваат земјите од Азија, од Африка и од Блискиот Исток.

Во моментот руското образование е најмалку привлечно за студентите од Северна Америка и од Австралија и Океанија.

Основни студии (4 години) посетуваат 52.3% од странските студенти, мастер студии (5 години) посетуваат 38%, а на магистратура (2 години) се запишани 9.7%.

Најголемиот број студенти (63%) посетуваат редовни студии, а од нив половината се на товар на рускиот буџет. Тоа значи дека процентот на оние што студираат на сметка на државата не е висок и изнесува само 31% од вкупниот број странски студенти.

Поголемиот број од студентите кои се самофинансираат се вонредни или комбинираат редовна и вонредна настава.

Странците во Русија најмногу се запишуваат на медицински и на економски факултет, на менаџмент и на хуманистички науки, а најмалку се интересираат за информатика и за компјутерска технологија. Мошне се популарни и правните факултети и покрај постоечките разлики во законодавтсвото на Русија и на другите земји, што може да биде знак за плановите на студентите да ја продолжат својата кариера во Русија.

Водечка високообразовна установа во Русија според бројот на странски студенти е Рускиот универзитет на дружбата на народите (РУДН). Странските студенти исто така често го избираат Националниот истражувачки томски политехнички универзитет, како и Првиот московски државен медицински факултет „Сеченов“.

Авторските права на материјалите се во сопственост на редакцијата. При објавувањето на материјали од порталот „Руска реч на македонски“ во друг медиум, задолжително треба да се постави активен линк кон страницата од која е преземен текстот.
+
Лајкнете нѐ на Фејсбук.