Русија, како и сиот свет, ја зафати еуфоријата наречена Pokemon Go. Градските власти на Москва не сакаат да заостануваат во овој популарен тренд, па на својот сајт најавија започнување на апликацијата „. Фото“. Апликацијата функционира на истиот принцип како и Pokemon Go, со таа разлика што наместо по малите монструми, корисниците трагаат по историски личности, со цел да направат селфи со нив.
Виртуелните двојници на познатите личности веќе „живеат“ на улиците на престолнината. Тоа се руските цареви Иван Грозни и Петар Велики, писателот Александар Пушкин, космонаутот Јуриј Гагарин, ѕвездата на советскиот рок Виктор Цој и други. Но, во моментов сите тие се поврзани за некоја конкретна точка во градот (на пример, виртуелниот Цој се наоѓа на Арбат, покрај ѕидот што го носи неговото име), а по стартувањето на обновената апликација сите тие ќе „талкаат“ низ Москва.
Дознај ја Москва. Press Photo
За разлика од покемоните, руските цареви, писатели и космонаути нема да се појавуваат во градот хаотично, туку секој во согласност со својата биографија. „Лесно можеме да мултиплицираме личности на неколку адреси кои имаат врска со нивните животи и од еден центар да го менуваме нивното моментално место на 'престој', објавувајќи потрага по конкретен јунак“, се вели на сајтот на московската влада. Градските татковци се надеваат дека корисниците низ игра ќе се заинтересираат за историјата на Москва и ќе почнат да ја проучуваат.
Заинтересираните од крајот на август ќе можат да тргнат во потрага по Пушкин или по Цој со помош на смартфон, а засега во виртуелниот простор на Москва „шетаат“ само покемони. Сега тие лесно се наоѓаат зашто програмерите од школата Moscow Coding School направија план на Москва на кој ги обележаа сите покемони што се наоѓаат во центарот на градот, а го имаат означено и времето во кое секој од нив се наоѓа на укажаното место. Авторите на мапата најавуваат дека наскоро ќе ги прошират податоците за цела Москва.
Според информациите што ги изнесуваат мобилните оператори Pokemon Go во Москва ја играат најмалку 180.000 лица. Дури ни фактот што играта Pokemon Go официјално не профункционира во Русија, не ги спречи луѓето да се врзат за покемоните. Заинтересираните ја преземаат апликацијата со помош на App Store од други земји или ја инсталираат преку трети сајтови.
Претходно портпаролот на претседателот на РФ Дмитриј Песков веќе одговори на прашањето на новинарот дали можат да се ловат покемони во Кремљ, велејќи дека тоа не е причина за посета на ризницата на светската култура, и дека Кремљ е отворен за посетители и покрај тоа што тој претставува резиденција на претседателот на државата. Сервисот за чистење станови Qlean своите услуги ги нуди под слоганот „проверете да не заталкал некој покемон во вашиот дом“, додека најголемата руска банка „Сбербанк“ за фановите на оваа апликација подготви посебна понуда – осигурување во вредност од 50.000 рубли (773 американски долари) во случај на повреда за време на потрагата по покемоните.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче