Зошто е откажан најголемиот технофестивал Outline?

Outline Festival.

Outline Festival.

Press Photo
Во Москва го забранија одржувањето на Outline, технорејв од меѓународни рамки и тоа неколку часа пред неговото започнување. Лутите љубители на техното ја пцујат власта, чиновниците ги обвинуваат организаторите.

За своето двегодишно постоење фестивалот на електронска музика Outline, чие прво издание беше во 2014 година, стана руска Мека за рејверите. Организаторите средуваа напуштени места – брекче на Москва полно со ѓубре, напуштени фабрики – правеа сложен систем на подиуми, канеа музичари и уметници од сиот свет. Главниот уредник на изданието „Афиша“ Екатерина Дементјева го нарече „прв фестивал во Москва што не е како странските, а на кој доаѓаат од странство“.

Годинашново издание требаше да стане ново, грандиозно ниво за Outline. Просториите за дводневниот рејв се правеа неколку месеци, дојдоа повеќе од 100 музичари (вклучувајќи ги и The Residents, The Skatalites, Ricardo Villalobos), беа продадени 12.000 билети. „Моите пријатели минатата недела ми рекоа дека за Outline се подготвуваат повеќе одошто за Нова година, на што јас се насмеав“, вели Грета Лукас која живее во Москва, а работи во Центарот за информации за германската економија. Грета смета дека „фестивалот Outline е најверојатно најголемиот настан за руските техно и електронски фанови во Москва, како и за околните земји и градови“.

Журката е откажана

На 2 јули неколку часа пред почетокот, на страницата на Outline на Фејсбук ненадејно се појави соопштение: „Фестивалот нема да се одржи од причини кои не зависат од организаторот. Парите ќе бидат вратени“. Фабриката на југоистокот од Москва каде требаше да се одржи рејвот беше опколена од полиција – фестивалот беше откажан по барање на обвинителството на Москва.

Според префектот на Југоисточниот округ, организаторите на фестивалот на електронска музика задоцниле со поднесувањето молба за одржување на фестивалот. Обвинителството смета дека Outline имал и други проблеми. „Според достапните податоци, противпожарна безбедност на територијата на фабриката (каде требаше да се одржи фестивалот) не постои“, изјави за „Лајф“ претставник на обвинителството.

Разлутени рејвери

Ненадејното откажување на долгоочекуваниот фестивал беше шок за посетителите. „Лично за мене беше шокантно, најмногу ми беше криво за организаторите и за луѓето кои завршија добра работа, кои ја направија инсталацијата за настанот и слично, и сето тоа за ништо. Чувствував бес кон полицијата поради откажувањето на настанот“, вели Грета Лукас.

Емоциите на разочараност на гостите на фестивалот Outline беа искажани на социјалните мрежи, без притоа да се штеди на изрази на адреса на московските функционери. „Сè што е живо, вистинско, собрано со љубов го убиваат. Многу сум лута на одлуката на властите“, напиша на Фејсбук новинарката Ксенија Чудинова.

Сите други изјави има сличен тон: со своите дејствија, со кои се плука на музиката и на оние што ја сакаат, московските власти кај луѓето предизвикуваат непослушност. „Како да се направи рејвот форма на протест? Да се забрани“, вели еден од корисниците на социјалните мрежи.

Можна неодговорност

Организаторите на фестивалот не ја потврдија, но ниту ја негираа информацијата дека причина за откажувањето е задоцнетото пријавување по нивна вина или проблеми со противпожарната безбедност. На социјалните мрежи многумина се сомневаат дека организаторите можеле да дозволат ваква грешка. Во исто време, Степан Казарјан, кој има организирано многу музички фестивали во Москва, смета дека тоа е можно и дека многумина промотери не се однесуваат сериозно кон настаните.

„Помеѓу промотерите многумина сметаат дека во раководството седат луѓе кои толку 'не се во тек', што нема да забележат дека се одржува некаков настан. Не велам дека таква била ситуацијата со Outline. Но доколку организаторите на Outline ја дале молбата порано, на што се жали префектурата, тие ќе можеа да го покажат документот и неправдата на власта би била очигледна. Засега таков документ нема“, вели за „Руска реч на македонски“ Казарјан.

Вечерта на 4 јули на страницата на Outline на Фејсбук се појавија коментари во врска со откажувањето на фестивалот. Директна критика на адреса на властите и на нивната одлука во коментарите немаше. Во исто време организаторите пишувале дека „неопходните формалности ќе бидат средени“ и дека тие ги презеле сите мерки за безбедност, но „тоа било недоволно“. Тие ветија дека парите ќе бидат вратени.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња