Словенскиот дух на современиот руски накит

Валериј Мељников / РИА Новости
Секоја година со доаѓањето на летото во Москва активно започнува уличната трговија: на големи и на мали места се поставуваат штандови на продавачи на декоративно-применетата уметност. На овие мали пазарчиња можат да се најдат кутичиња и свеќници, печатени маици, дреболии за домот и фантастични фустани од рачна изработка. Но, она по кое трагаат вистинските вљубеници во модата на овие места е рачно изработениот накит.

Малку историја

Денес рачно изработените додатоци не само што станаа достапен начин (средната цена на едно парче изнесува околу 40 американски долари) за да се разубави гардеробата, ами и да се покаже оригиналност. Тие овозможуваат да се добие чувство на посебен животен стил на креативните и на слободните луѓе, кои ја ценат екологијата, автентичноста и душевниот приод кон производот. Ваквиот накит одговара на секој стил, давајќи му извесна доза на леснотија. Така бизнис-костумот дополнет со керамички или со метален прстен ја губи својата официозност и агресивност. А, строгата „школска“ облека во комбинација со долги ѓердани од сребро и од полускапоцени камења станува позагадочна и поромантична. Ваквите дреболии се начин за дистанцирање од масовната потрошувачка, со цел да се покаже својата припадност на хипстерската култура.

А, сѐ започнало во осмиот век од нашата ера, кога древните словенски племиња почнале да обрнуваат внимание на накитот и на модите додатоци. Кај словенските модерни жени биле многу популарни ѓерданите, прстените и масивните гривни. Накитот не само што бил убава дреболија за подобрување на расположението и за намалување на стресот, ами служел и како симбол за имашност и за благосостојба, носел среќа и чувал од уроци. Накитот се правел на најстариот начин – рачно.

Старите Словенки биле вистински љубителки на модата. Тие преферирале долги обетки од филигран, а носеле два вида прстени: многуслојни нитки од стаклени, метални мониста или од полускапоцени камења, а обетките им биле масивни метални обрачи со различни форми и често со необични декоративни решенија. Овие модели се мошне актуелни денес.

Не толку одамна во мода повторно се вратија украсите за глава и дијадемите, кои биле популарни и во тие времиња. Чешкиот историчар Љубор Нидерле пишува: „Најважни и најкарактеристични за Словените се прстените кои се вплетуваат во косата на жените. Тие претставувале оригинален украс, кој се ставал на двете страни од главата, напред и зад ушите, затворајќи ги слепоочниците  или висејќи до плеќите. Тие се врзувале на поврска или на дијадема , опфаќајќи ја главата, или едноставно слободно се вплетувале во косата“.

Посветено на изморените од цивилизацијата

Ѓерданите со мониста и дрвените насликани бразлетни, обетките со керамички фигури и кованите прстени со скифска и со словенска симболика се нешта кои можат да се најдат на фестивалите како што се „Други ствари“ или „Рајски јаболка“ и други. На мансардите се поставуваат маси, за кои секој од продавачите, кои најчесто се и производители, плаќаат умерена сума пари, а ваквите настани обично се организираат за време на неработните денови. Посетителите купуваат влезница (околу 7 до 10 американски долари) и шетаат низ масите, избирајќи си накит. Производите се прават во домовите и се од самостојно избрани материјали. Многу се популарни бижутериските обетки, приврзоци и брошови во стилот ретро, од бронзен метал со стаклени, тантеласти и бисерни елементи. Исто така присутни се дрвени брошови со фигури на животни, насликани со акрилни бои и оригинални обетки и приврзоци изработени со техниката „дрвена тантела“, односно направени од тенка иверица во различни форми и фигури.

Овие предмети се продаваат самостојно или преку пријатели на ваквите саеми или во изложбени простори кои се познати во потесни кругови, како што е примерот со „Холовка шоу-рум“.

Мошне често се среќава поврзување на основната професија со рачна изработка за своја душа, кога некој успешен маректолог или новинар во слободно време дома прави сребрени обетки и прстени со полускапоцени камења со сопствен дизајн, а кои имаат голема побарувачка кај нивните пријатели или кај пријатели на пријателите. Луѓето што ги изработуваат ваквите предмети најчесто тоа го прават водени од потребата да бидат креативни. „Моите пријатели се чудат како успевам да направам сѐ и зошто ми е сето тоа потребно. За мене, пак, претставува задоволство навечер да седнам и да направам нешто што не е фајл или што не е избор на вести, туку Ствар“, вели Наталија која е маркетолог.

Сериозно искушение за љубителите на накит и на други моди додатоци од рачна изработка е порталот „Lifemaster“ на кој се регистрирани стотици мајстори на декоративно-применетата уметност од цела Русија, но и од странство. Тука како на вистински саем може не само да се добие нешто готово, ами и во разговор со авторот, да се нарача некоја своја варијанта.

Во последниве години од ваквите „работи за душа“ израснаа многу популарни брендови. На пример марката „Anna Slavutina“, која сега има свое студио и продажни пунктови, како и постојан клиенти. Сѐ започнало кога основачката решила на својата другарка за роденден да ѝ направи подарок со своите раце, а потоа побарувачката започнала.

Денес сегментот „модни додатоци“ во Русија е еден од најперспективните и најинтересните. Но, поголемиот број уметници ја сметаат рачната изработка на накит повеќе како хоби кое носи мал дополнителен приход.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња