Македонскиот јазик и литература како дел од руската славистичка школа

Емил Ниами
Во престолнината на Русија од 23 до 26 мај годинава се одржува III Меѓународен научен симпозиум „Словенските јазици и култури во современиот свет“. Овој симпозиум, кој веќе стана традиционален, е во организација на Филолошкиот факултет при Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“. На собирот учество ќе земат голем број слависти не само од словенските земји, туку и од сиот свет. Во пресрет на овој настан и на Денот на сесловенските просветители „Руска реч“ ви раскажува за присуството на македонскиот јазик во Русија, за руските македонисти и за неговите перспективи во најголемата словенска држава.

Приказната за македонскиот јазик во Советскиот Сојуз започнува некаде по втората светска војна, односно по неговата кодификација. На почетокот интересот за негово изучување бил спорадичен, а сето тоа било дополнително оптоварено поради цврстите односи на СССР со Бугарија во секоја пора од живеењето. Сепак, професорот Самоил Борисович Бернштејн, славист кому потесната област на интерес му била бугаристиката, ги охрабрувал своите студенти да започнат да го истражуваат македонскиот јазик. Како резултат на тоа Владислав Маркович Илич-Свитич, таткото на позната ностратичка теорија за роднински врски меѓу индоевропските, картвелските, семито-хамитските, староиндиските, уралските и алтаjските јазици, започнал да го истражува и македонскиот јазик, па затоа се смета дека тој е и основоположник на македонистиката во СССР. Во 1963 година тој заедно со својот колега Диме Толовски го составуваат и првиот македонско-руски речник со обем од 576 страници, што претставува извонреден прогрес во македонската двојазична лексикографија. Но, трагичната судбина на Илич-Свитич (загинал во сообраќајна незгода во 1966 година) ја лишува македонистиката во Советскиот Сојуз од својот најголем претставник дотогаш.

Во 1967 година на сцената на македонистиката на Московскиот државен универзитет (МДУ) настапува Рина Павловна Усикова, бугаристка, која повторно по предлог на С.Б. Бернштејн започнала да се занимава со македонски јазик. Таа, по специјализацијата во Скопје, на Филолошкиот факултет при МДУ започнува да предава македонски јазик, најпрво како трет или како втор, а веќе во 1975 година успева да го издигне како прв јазик, со што македонистиката во Москва се изучува и на додипломско ниво. Оттогаш, па сè до денес на секои 5 години се запишува нова група студенти чија специјализација се македонскиот јазик и литература, а по завршувањето студентите имаат можност да продолжат на постдипломски и на докторски студии.

Сепак, со оглед на фактот што врските помеѓу Бугарија и тогашниот СССР биле мошне цврсти, а како што е познато македонскиот јазик отсекогаш бил спорен за бугарското општество, работите во областа на македонистиката не оделе сосема лесно. „Приликите не беа баш поволни. Кога ја напишав првата морфологија на македонскиот јазик на руски, книгата беше одбиена за печат со оглед на тоа дека не постоеше такво нешто за бугарскиот јазик. Така, бев советувана најпрво да напишам прирачник за бугарски јазик. Го прифатив предлогот и како коавтор го напишав тој прирачник, а што се однесува до мојот необјавен труд, смогнав сили и тој беше објавен во Македонија. Навистина тогаш ми беше тешко што не ме објавуваа, но јас тивко работев и подготвува специјалисти кои ќе се занимаваат со македонски јазик. Така денес сум горда што токму од таа катедра излезе прекрасен кадар кој денес навистина професионално ја работи својата работа“, вели академик Усикова, која е добро позната на пошироката македонска јавност.

Но, македонистиката не останува само во рамките на Московскиот државен универзитет. Еден од руските центри каде се изучува македонскиот јазик е и Пермскиот државен универзитет. Некаде на почетокот на деведесеттите години од минатиот век во Перм се враќа ученичката на академик Усикова, Марина Поварницина која оформува специјализирана група за македонски јазик, во рамките на која студентите во текот на четири години темелно го студираат јазикот. Дел од нејзините студенти продолжија да ги проучуваат македонскиот јазик и македонската литература. Денес во градот на Урал со македонскиот јазик се занимава доцент Наталија Бороникова, а за литературата е задолжена доцент Марија Проскурнина.

Доцент Бороникова од неодамна е иницијатор и на специјалниот курс за македонски јазик во Центарот за образование „Академија“. Како извонреден научник и голем љубител на сè што е поврзано за Македонија, Бороникова големо внимание посветува и на научната мисла поврзана за македонскиот јазик, а исто така и постојано го следи неговиот развој. „Јазикот како жив организам секогаш се наоѓа во постојано движење, во растеж и развивање. Македонскиот јазик се развива по типичниот пат за еден европски јазик кој се наоѓа во услови на глобализација, особено од интернационален карактер. Сепак, неговата местоположба во балканскиот контекст, каде меѓу јазиците постојат тесни врски, го прави особено уникатен и од лингво-типолошки и од културолошки аспект. Врз примерот на македонскиот јазик можат да се проследат појавувањата на многу јазични единици и категории“, вели во интервју за „Руска реч“ Бороникова.

Професорката Елена Верижникова со последната група дипломци на Самоиловите кули во Охрид.Професорката Елена Верижникова со последната група дипломци на Самоиловите кули во Охрид. Извор: Емил Ниами

Македонскиот јазик во Русија денес се изучува и во други научно-образовни центри, а како најзначајни се издвојуваат Санктпетербуршкиот државен универзитет (СПТДУ) и Воронешкиот државен универзитет (ВДУ). Во Воронеж, на заложба на Софија Заболотнаја, наставник по македонски јазик на Филолошкиот факултет при ВДУ, неодамна беше отворен и мал македонски културен центар. Активностите на ВДУ во областа на македонистиката во последниве години се интензивира, а како резултат на тоа во март годинава на Филолошкиот факултет при УГД во Штип беше организирана и заедничката меѓународна конференција „ФИЛКО“.

Сепак, главниот центар за изучување на македонскиот јазик, литература и култура останува Москва. Во последниве дваесет години на Филолошкиот факултет при МДУ се појавија значајни имиња, за кои науката за македонскиот јазик има само пофални зборови. Македонската литература во овој најголем руски образовен центар ја предава академик Ала Шешкен, додека со македонскиот јазик се занимава професорката Елена Владимировна Верижникова, која минатата година го доби и звањето почесен доктор (doctor honoris causa) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Верижникова, која во моментов е водечки руски македонист, својата љубов кон македонскиот јазик освен на студентите од МДУ, им ја дава и на своите ученици од Православниот Светотихоновски универзитет. Во интервју за „Руска реч“ за својот животен повик и за љубовта кон македонскиот јазик професорката Верижникова вели: „Професија ми е јазикот. Прекрасниот, богат македонски јазик. Го учам цел живот, но јазикот е неисцрпен, така што секој ден сè допрва започнува. А, јазикот содржи и опфаќа сè: животот на народот, неговата култура, историја, мудроста негова. Не случајно Блаже Конески рече 'Јазикот е единствена наша татковина'. Треба да се чува, да се негува, да се почитува. Така што нема нешто што се однесува на Македонија, а да не ме интересира. Покрај јазикот, тоа е македонската култура, вклучувајќи jа тука и литературата, и средновековните манастири со фреските, иконите, и македонскиот филм, и музиката“.

Овие извонредни научни работници, но пред сè прекрасни личности, претставуваат мошне цврста основа за македонскиот јазик, литература и култура во Русија. Тие на Македонија гледаат како на свој најголем пријател, од кој не се откажуваат дури ни во најсложените времиња. Македонија и македонскиот народ, пак, со почит и со благодарност гледа на нив и се гордее што има такви пријатели во пријателската Русија.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња