Петтемина најинтересни композитори на руската музичка сцена

Дмитриј Курљандски.

Дмитриј Курљандски.

Екатерина Чеснокова / РИА Новости
„Руска реч на македонски“ ви ги претставува композиторите кои ја создаваат историјата на современата руска музика.

Дмитриј Курљандски


Основач на композиторската група „СоМа“ („Сопротивление материала“ – „Спротивставување на материјалот“) - првата неформална професионална група во постсоветска Русија, што ја направи новата музика позната не само меѓу тесен круг специјалисти, но и меѓу пошироката јавност.


Дипломирал на Московскиот конзерваториум. Бил стипендист на берлинската програма DADD. По победата на меѓународни натпревари (Gaudeamus, 2003, Јохан Јозеф Фукс, 2011) станува еден од најнаградуваните автори во Русија, чија музика звучи на светските сцени, во изведба на познати ансамбли, како што парискиот Intercontemporain. Многу од делата на Курљадински се поставени и исполнети за прв пат во Европа, вклучувајќи ја операта „Астероид 62“ (поставена во 2013 година во Грац, режисер Барбара Баер).


Во моментов Курљандски е уметнички директор на Меѓународната академија за млади композитори во градот Чајковски, Пермски крај и музички директор на Електротеатарот „Станиславски“ во Москва. Виртуозно ги владее современите композиторски техники и активно експериментира со различни форми на презентирање на новата музика за пошироката публика.


Тој е автор на операта „Носферату“ (2014), создадена по нарачка на Пермскиот театар за опера и балет и реализирана од меѓународен тим - режисерот Теодор Терзопулос, уметникот Јанис Кунелис и диригентот Теодор Куренцис. Ова е прв случај на нарачување опера од регионален руски репертоар театар во 21 век. Спектаклот беше главен оперски настан во Русија за последната деценија.


Сергеј Невски


Владимир Вјаткин / РИА Новости


Уште една светла фигура во московскиот музички живот, коавтор на манифестот на композиторската група „СоМа“. Познавач на старата и на новата музика, историчар и просветител. Студирал во Москва, Дрезден и Берлин. Победник на композиторскиот конкурс во Штутгарт (2006), добитник на националниот театарски фестивал „Златна маска“ (2014) за операта „Франциско“, поставена во Бољшој театар.


Невски е постојан учесник на меѓународни фестивали, вклучувајќи ги Berliner Festwohen, Maerzmusik, Gaudeamus, Wien Modern. Негова музика ја исполнуваат ансамблите Klangforum Wien и Ensemble Modern, оркестрите под раководство на Владимир Јуровски и Теодор Куренцис. Раководи со творечката лабораторија на центарот „Мејерхољд“ и пишува музика за претставите на Кирил Серебреников, симфониски и оперски дела. Една од европските премиери со најголем одек беше неговата опера „Аутленд“ (исполнета на Рурското триенале), напишана по текст од деца со аутизам и посветена на проблемите во комуникацијата меѓу луѓето.


Борис Филановски


Зураб Зјавахаse / ТАСС


Претставник на Санктпетербуршката композиторска школа. Композитор-концептуалист со брилијантно академско образование, критичар, пропагандист на новата европска музика во Русија. Лауреат на неколку европски награди, вклучувајќи ги и натпреварите IRCAM Reading Panel (1997, Париз) и Irino Prize (2003, Токио). Музиката на Филановски звучи во изведба на легендарни европски ансамбли како Orkest De Volharding на Луј Андриесен, како и на ансамбли Integrales и Da Capo Chamber Players.


Основач и раководител на првиот ансамбл за современа музика во Санкт Петербург (eNsemble) при институтот „Про Арт“ и фестивалот „Питијски игри“.


Во своите дела често ги користи текстовите на познатите писатели-концептуалисти Владимир Сорокин и Лев Рубинштејн.


Антон Батагов


Дјагелевски фестивал 


Композитор, следбеник на американскиот постминимализам на руската сцена и пијанист-лауреат на конкурсот „Чајковски“. Нема композиторско образование. Свири во ансамблот на Филип Глас, прв изведувач на голем број дела од светскиот поставангардизам во Русија. Неговата музика звучи во Русија и Америка, во изведба на ансамблот на Филип Глас, на концерти и фестивали, вклучувајќи ги Дјагилевскиот фестивал во Перм, како и фестивалот Bang on a Can во Њујорк.


Батагов е противник на комплексноста во новата музика и на нејзина поделба на ниски и високи жанрови. Во неговите дела се забележува влијанието како на рок-музиката, так и на академските традиции - од Бах до Рахманинов и Григ.


Александар Маноцков


Извор: mhat.ru

Еден од најпознатите непредвидливи автори на московската сцена, кој не припаѓа на ниту една школа и правец. Автор на опери, симфонии, кантати, ораториуми, вокални циклуси, црковни дела, музика за драмски изведби и за филмови. Музичар, пејач, мултиинструменталист, учесник во ансамбли за античка и современа музика. Неговата опера „Гвидон“ по текст на Даниил Хармс не се симнува од сцената на театарот на „Школата за драмски уметности“ веќе неколку сезони по ред. Операта „Четири квартети“ за прв пат е претставен во рамките на „Studio Six“ (американскиот курс на московската школа-студио MXT), со која настапува низ Америка. А, неговата последна голема премиера беше операта „Тити беспрекорниот“ во московскиот камерен музички театар „Борис Покровски“ во режија на Владимир Мирзоев. Таа веќе стана сензација на 2015 година и е номинирана за независната награда на критичарите на московското Здружение на музичките критичари.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња