Најлудата ноќ во Русија и во Македонија

Извор: Максим Блинов / РИА Новости

Извор: Максим Блинов / РИА Новости

Новата година е еден од омилените празници и во Русија и во Македонија. И возрасните и малите деца со душа ја чекаат новогодишната ноќ, за која најчесто се вели дека е највеселата во годината. Многу нешта се поврзани со овој празник: луѓето се во очекување на нови и убави нешта, на повеќе среќа, на благодат, здравје и радост. „Руска реч“ ви раскажува за тоа како се прославувала и како се прославува Новата година во Русија и во Македонија.

Кога започнало празнувањето?

Во Русија кон крајот на 1699 година царот Петар Велики издал указ во кој било наредено Нова година да се празнува на 1 јануари, а за да се одбележи требало да се украсуваат куќите со гранчиња од бор, од елка и од смрека. Дотогаш новата година започнувала на 1 септември, на денот кога се собирале даноците.

Во Македонија, пак, традицијата на прославување на Новата година се појавува на почетокот на минатиот век. Како територија што постојано била под власт на некоја друга држава, во македонската средина многу повеќе се давало значење и многу повеќе се знаело за православните празници, какви што се Свети Никола и Божиќ. Затоа и не може со точност да се определи кога за првпат Новата година се прославила како официјален празник, но со сигурност може да се каже дека во периодот на Првата светска војна на територијата на Македонија се организирале дочеци. 

Но, и во Русија прославата на Новата година не била континуирана. По Револуцијата, во 1918 година, празникот бил укинат. Први јануари станал работен ден, а сѐ што било поврзано со Новата година било забрането. Во 1937 година традицијата на празнување на Новата година се вратило на советската сцена, додека во 1947 година 1 јануари повторно бил прогласен за неработен ден.

Украсување и подароци

Ниту една прослава на Новата година не може да помине без традиционалната елка. И во Македонија и во Русија постои традиција на китење елка. Но, постои една разлика што се однесува на изборот на ова новогодишно дрво. Во Русија во најголем број случаи луѓето избираат природни елки, кои се продаваат на пазари организирани специјално за оваа намена. Во Македонија, пак, традицијата на купување природни елки е одамна напуштена. Веќе во седумдесеттите години од минатиот век во поголемите градови започнале да се појавуваат вештачки елки. Македонците многу бргу ги прифатиле елките изработени од вештачки материјали со оглед на тоа дека тие се поекономични (не треба да се купува нова елка секоја година) и со нив не се уништуваат цели паркови засадени со елки. За волја на вистината, во последно време и во Русија луѓето сѐ повеќе купуваат вештачки елки, иако постојано го споменуваат мирисот на природната елка во нивните домови. 


Графикон: Историја на новогодишната елка. 

Подароците се, исто така, мошне важен дел од новогодишните празници. Секако, први на списокот за подароци се децата. Во Македонија уште многу одамна секое дете добивало пакетче. Со оглед на популарноста овој збор станал и термин во македонскиот јазик, кој си носи свое значење: ќесе, вреќичка или кутија со слатки работи наменети како новогодишен подарок за деца. Во Русија, исто така, на децата им се подаруваат слатки работи: чоколади, бонбони, колачи. Разликата е во тоа што не постои истата форма на пакетчиња, која е задолжителна во Македонија, како, впрочем, и на просторите на цела поранешна Југославија. 

Подароци, секако, има и за возрасните. Во Русија, исто како што беше случај и до пред околу две децении во Македонија, се купуваат голем број подароци. Луѓето на сите свои блиски сакаат да им подарат нешто ново и на тој начин да им посакаат убав почеток на новата година. Русите се и добро запознаени со кинескиот хороскоп, па затоа постои изобилство подароци на кои се наоѓа знакот од кинескиот хороскоп за годината што доаѓа. Во Македонија, пак, возрасните помалку меѓусебно си подаруваат и тоа главно се прави во кругот на семејството или, пак, љубовните двојки си разменуваат подароци.

Она што е заедничко за двете земји е и украсувањето на јавните површини. И во Русија и во Македонија на централните плоштади во градовите се поставува новогодишна елка, а, исто така, се украсува и целиот град, обично со светилки и со различни новогодишни фигури. Секако, тука се и претставите за деца, кои секоја година се одржуваат и во двете земји, а се наменети за најмладата публика.

Кој е најважен за Нова година?

Секако, најважниот човек за Новата година е Дедо Мраз. Но, дали сте знаеле дека Дедо Мраз во Македонија и во Русија е различен човек? Дедо Мраз во Македонија е истиот оној човек од Лапонија, кој го има во западноевропската култура. Тој е, всушност, Свети Никола, кој на децата им ги носи подароците што тие ги заслужиле во текот на претходната година. Во Русија, пак, Дедо Мраз е лик од источноевропската култура, кој своите корени ги има во словенската митологија како олицетворение на зимските мразови. Во својата руска варијанта Дедо Мраз потекнува од Велики Устјуг и таму се наоѓа неговата резиденција. Оттука тој тргнува во обиколка низ цела Русија, со цел да ги награди децата за успесите и за доброто однесување во годината што заминува. 

Уште еден многу важен лик е Снежанка. На руски оваа девојка се нарекува Снегурочка. Таа е внука на Дедо Мраз и за време на новогодишните празници таа патува со него, му помага во работата, им пее на децата и ги развеселува. Оваа девојка е неизбежна во секоја новогодишна претстава или филм во Русија. Во македонската традиција овој лик отсуствува, иако понекогаш во новогодишните претстави можеме да ја сретнеме како ликот Снежана од приказната на браќата Грим.

Новогодишна трпеза

Во Русија и во Македонија постојат многу нешта што ги има и на двете новогодишни трпези. Македонците не можат да ја замислат Новата година без руската салата, која во Русија се нарекува „оливје“. Секако, рецептите не се сосема идентични, но во основа се многу слични. Тука е, секако, и шампањското, кое задолжително „пука“ кога стрелките ќе се спојат на 12. Во Македонија на трпезата задолжителни се кифличките и сармата, како и баклавата и многу други ситни колачиња и торта. Во Русија, пак, прославата на Новата година не може да започне без кавијар, салата винегрет, пача, риба и многу-многу месо. 

Според традицијата на руската трпеза, од овошје задолжително мора да има мандарини, со кои во советско време, исто така, се украсувала и новогодишната елка. Секако, тука се и пијалаците. На руската трпеза, без сомнение, се наоѓа традиционалната вотка, додека кај Македонците тука се ракијата и виното. 

Сличностите и разликите меѓу двете култури нѐ зближуваат и прават да се разбереме подобро, што е и целта на нашата редакција. Затоа „Руска реч“ ви ги честита Новата година и Божиќ и ви посакува да ви се случуваат само убави работи, здравјето да ве крепи, а насмевката постојано да биде на вашето лице!

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња