Шпиономанија: рускиот наспроти американскиот филм

Извор: kinopoisk.ru

Извор: kinopoisk.ru

Шпионските филмови се снимале и продолжуваат да се снимаат и во Холивуд и во Русија. Новинарката на „Руска реч на македонски“ изгледа километри филмски ленти и ви раскажува каде всушност се наоѓаат сличностите во шпионските филмови.

Руските девојки на Џејмс Бонд 

Шпионската тема со децении се обработува и во Холивуд и во Советскиот Сојуз. Класика на овој жанр се филмовите за Џејмс Бонд. Во „Од Русија со љубов“ (1963) веднаш гледаме два руски лика – прекрасниот мајор на КГБ Роза Клеб и префинетата Татјана Романова. Татјана не само што го заведува Џејмс, што не е едноставно, туку и отмено пука. А, Роза повеќе личи на маж во здолниште, но таа, како и Џејмс Бонд, си има свои играчки – ками кои излегуваат од носот на чевлите. Роза и Татјана се како закана и искушение. Два лика на Советскиот Сојуз. 

Во еден друг бондовски филм „Златното око“ (1995) овие два лика се слеани во еден. Сексапилниот полковник Ксенија Онотоп со бедрата го задушува Бонд. Филмот беше снимен како реакција на Холивуд на воените дејствија во Чеченија. Тука Русите се угнетувачи, но меѓу нив има и прекрасни кревки суштества, на пример, поетичната Наташа Симонова во ужасно сивата „бабинска“ кошулка. 

Клиширани ликови 


Извор: kinopoisk.ru

Женските ликови на бондијадата се појавуваат, за волја на вистината, со мала варијација во филмот „Индијана Џонс и Кралството на кристалниот череп“ (2008). Прекрасната Кејт Бланшет ја игра Ирина Спаљко – шеф на цел одред соработници на КГБ. Таа изгледа толку привлечно, што од неа тешко човек да ги тргне очите... особено кога мечува со сабји. Друга сцена што заслужува внимание е забавата на соработниците на КГБ во степите на Аризона, каде има вотка, огнови и казачок. Луѓето од КГБ изгледаат на весели луѓе, нема да ги наречеш професионалци на конспирации. 

Ума Турман на руски начин
„ Американската актерка Ума Турман игра во краткометражниот филм на младиот руски режисер Иван Петухов.

Исто така може да се присетиме на филмот „Црвениот кошмар“ (1962), во кој соработниците на НКВД се веселат низ Њујорк во воени шалвари. Така ние се приближивме кон вториот широко распространет во американско-британската визуелна уметност советски лик и непријател, карикатура на идиот. 

Во јуни 2010 година се случи шпионскиот скандал кој го подгреа маслото на огнот за инспирацијата на Холивуд. Во САД беа откриени скриени руски агенти. Меѓу нив беше и симпатичната Ана Чапман. Во 2012 година на екраните излезе филмот „Одмаздник“ со забележлив лик кој се вика Црна Вдовица, што го икра Скарлет Јохансон, а кој многу потсетува на Чапман. 

Црната Вдовица не е само сексуално привлечна, туку е и таинствена. Во неа се споени сите клишеа за руските шпиони-бегалци кои им се омилени на американските филмаџии. Таа е исклучително интелигентна, има несекојдневни способности, а исто така е и аристократка од царското семејство Романоф. Таа е измислена уште во времето на студената војна како хероина на стриповите, а сега ја извадија од шкафот и ја ставија на екраните. 

Неспорни ремек-дела на шпионската западна традиција се филмовите кои се засновуваат на сижињата на британскиот крал за шпионажа Џон Ле Каре. На пример, прекрасен е филмот „Шпиону, излези!“ (2011). Ова е класична шпионска драма, во која опозицијата на британското и на руското разузнавање изгледаат како лукава партија шах. Овој пат рускиот шпион не заостанува ниту со интелектот, ниту со логиката, ниту со убавината и со мајсторството на играта. 

Руски одговор на Холивуд 

Парадокс е, но советскиот, а потоа и рускиот шпионски филм, е сличен на холивудскиот. И тој, исто така, се дели на чист шпионски жанр и на филмови со карикатурни шпиони. 


Георгиj Женов. Извор: kinopoisk.ru

За љубителите на јаките детективски филмови во Советскиот Сојуз беа создадени две телевизиски ремек-дела, кои целосно можат да се споредуваат со екранизациите на Џон Ле Каре според квалитетот на интригите. Првиот е серијата филмови „Грешка на резидентот“, „Судбината на резидентот“, „Враќањето на резидентот“ и „Крај на операцијата 'Резидент'“, во кои омилениот советски актер Георгиј Женов многу точно ја одигра улогата на оперативец, кој на почетокот работи за западните специјални служби, а потоа е врбуван од страна на КГБ. Втората филмска епопеја е „ТАСС е овластен да пријави“. Тука основната игра се одвива помеѓу разузнавачките служби на Западот и СССР, а која се одвива на териториите на земјите од третиот свет. 

Потоа жанрот шпионски филмови во СССР доби карикатурен карактер и дојде на нивото на клишираните холивудски аналози. На пример, филмот „Договор на векот“ од 1985 година, каде шпионот мистер Смит е едноставно безвредносен штетник, или „Огледални војни. Прв одраз“ (2005), во која ЦИА трага по тајните разработки на воената авијација. Агентите на ЦИА тука се неурамнотежени и личат на манијаци, чија главна цел е да отпочнат трета светска војна. 

Современи шпиони 


Извор: kinopoisk.ru

Во последно време во Русија интересни се сериите за Втората светска војна. Ете каде е слободата за шпионите! „Ликвидација“ од 2007 година раскажува за шпионските страсти во повоената Одеса. „Апостол“ од 2008 година зборува за тоа како еден советски шпион се инфилтрира во војската на Вермахтот. 

Америка, исто така, неодамна направи подвиг во областа на шпионските серии. На екраните се појави „Американци“, каде агенти на КГБ од времето на Реган се прикажани достоинствено, па дури и со извесна симпатија. Во филмот „Активи“ е многу добро прикажан началникот на контраразузнавањето на ЦИА, кој во осумдесеттите години од минатиот век бил преврбуван од СССР.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња