Прифатете го предизвикот: без пари во Москва

Да се поминат неколку дена во најскапиот град на светот без да потрошите ниту еден денар? Сосема е можно! Извор: Александар Утикн / РИА Новости

Да се поминат неколку дена во најскапиот град на светот без да потрошите ниту еден денар? Сосема е можно! Извор: Александар Утикн / РИА Новости

Москва е еден од најскапите градови на светот. Тоа одвраќа многу туристи што размислувале за „авантура во Русија“. Доколку, сепак, си поставите цел да не трошите пари, тука има што да се прави и бесплатно. Во рамките на законот, се разбира.

Да најдете превозно средство

Во Москва постои бесплатно возење на секој вид транспорт, но треба да сте херој на Советскиот Сојуз, на Русија, витез на орденот Слава или дете до седум години. Не очајувајте: може да се земе бесплатно велосипед за привремена употреба. Во Москва има пет места за тоа: парковите Соколники, Фили и Северното Тушино, Нескучни сад и Воробјови гори. До летото 2013 со пасош можевте да се повозите бесплатно, но само два часа. Оваа година времето за користење треба значително да се зголеми. Покрај тоа, на Воробјови гори може да начекате бесплатна еколошка екскурзија на еден час во паркот.

Да полежите на плажа

Одвреме-навреме во Москва може бесплатно да каснете на некој од гастрономските фестивали. Најпознат од нив е меѓународниот фестивал Omnivore Food Festival. Исто така, вреди да се спомене и Московскиот гастрономски фестивал, кој се одржува со поддршка на московската влада, а, исто така, и сосема младиот „Fest EDAkov“, кој се одржува во Серускиот изложбен центар. Освен тоа, може да се посети и уште еден европски фестивал „Fashion Food“, кој се одржува од 2010 година во неколку ресторани во престолнината. Влезот на ваквите настани може да биде платен (од 5 до 10 евра) или да е потребна покана, но количеството можни дегустации и „приоди“ на територијата на настанот се неограничени.

Во Москва има четири бесплатни плажи: Тропарјово (за одмор со деца), Мешорско езеро (дива плажа), Акдемически езера (со водни атракции, пинг-понг, билјард и хокеј на маса), Сребрен бор (плажен комплекс со дополнителна плажа за нудисти).

Да каснете 

Да каснете во Москва е најсложената задача. Без пари храна делат само свештениците и рокерите. Сепак, постојат неколку начини да се задоволи гладот, без да потрошите денар. Како прво, секој вторник и секој четврток во 14 часот на Стар Арбат број 37 покрај спомен-ѕидот на рускиот рок-изведувач Виктор Цој се нуди бесплатен чај, кифлички и овошен јогурт. Како второ, во Москва постојат три „антикафулиња“, каде што се плаќа не за јадењето, туку за поминатото време во кафулето – „Циферблат“, „Бабочки“ и „Local Time“. Освен тоа што една минута во кафулето ќе ве чини помалку од 2 центи, јадење и пијалаци можете да си донесете со себе, а, исто така, можете да се послужите и со бесплатен чај и со кифлички. Покрај тоа, во сите три локали има бесплатен безжичен Интернет. Доколку се подготвите порано, можете да влезете во „фокус-групата“ на дегустатори на нови јадења и пијалаци. Ова можете да го направите на сајтовите www.oprosy.info и  www.oopros.ru.

Во Москва постојано расте бројот на места со бесплатен безжичен Интернет. Вакви места сега има на метро-станиците, како и на тролејбуските, трамвајските и автобуските постојки. Мапата на бесплатни точки можете да ја погледнете на сајтот: www.wifi4free.ru/msk.

Посета на музеи

Во Москва постојат музеи во кои во текот на целата година може да се оди бесплатно. Тука се Културниот центар „Булгаковски дом“, кој се наоѓа во куќата во која живеел познатиот писател Михаил Булгаков, Музејот на историјата на градската психијатриска болница, Музејот на индустриската култура и Музејот на историјата на московското метро. Освен тоа, во Ноќта на музеите, доколку порано застанете во ред, можете да влезете во кој било музеј без да купите билет. Исто така, секоја трета недела во месецот Музејот на современата уметност, Меморијалниот музеј на космонаутиката и Музејот на историјата на ГУЛАГ-от работат бесплатно, Музејот на уникатни кукли секој четврток и петок од 10 до 12 часот е отворен за бесплатни посети, додека Државниот локален музеј „Домот на кејот“ работи бесплатно секоја трета сабота во месецот.

Посета на театар

Исто така, дипломците на Конзерваториумите изведуваат бесплатни симфониски концерти во Домот на Чајковски и во Конзерваториумот. Репертоарот можете да го погледнете на сајтот: www.mosconsv.ru. 

Студентските театри нудат бесплатен влез за сите свои претстави. Не треба да се заборави дека руската театарска школа е една од најдобрите на светот, и многу студентски претстави по ништо не се разликуваат од професионалните. Нивниот репертоар обично го има на официјалните сајтови на театарските и филмските универзитети на престолнината.

Прошетка со водич

Историскиот центар на Москва во мала група и со водич што зборува на англиски јазик може да се погледне сосема бесплатно: вакви услуги дава компанијата Moscow Free Tour, која, исто така, дава 30% попуст на Hop on – Hop off автобуските тури низ Москва, како и бесплатни велосипедски тури. Овие екскурзии најчесто се одвиваат на руски јазик, но можат да се најдат и водичи што зборуваат на англиски.

Да се погледне филм

Во Москва работат и голем број филмски клубови, каде што може бесплатно да се погледне некој нов филм, некоја класика или некое андерграунд-остварување, кои обично не се прикажуваат во кината. Најсериозно место меѓу нив е Центарот за документарен филм (мултимедијалниот прес-центар на РИА Новости, Зубовски булевар бр. 4), каде што се прикажуваат филмови на руски и на англиски јазик, по што следува дискусија. Влезот е бесплатен, иако е пожелно претходно да се најавите на нивниот сајт, со оглед на големата заинтересираност. Во филмскиот клуб „Цурцум“ (Винзавод, 4 Сиромјатнически переулок, бр. 6) се прикажуваат серии странски филмови. Во Garage screen (ЦСК Гараж, паркот на Горки) главно се прикажуваат руски премиери, додека во „Звезда“ се прикажуваат и филмови на англиски и на италијански јазик.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња