Циолковски – научникот што разговараше со ангелите

Извор Наталија Михајленко

Извор Наталија Михајленко

Рускиот научник, основач на космонаутиката Константин Циолковски (1857-1935) бил голем фантазер. Малку луд, малку наивен, често бил во заблуда, правел многу грешки. Затоа имал храброст да мечтае за она за кое другите не ни можеле да помислат. Кој можел за време на Првата светска војна да мисли за летовите на Месечината, за манипулација со гените, за воскреснување на мртвите? Само тој – Циолковски!

Неговиот живот започнал со трагедија, Во раното детство боледувал од шарлах. Работата се искомплицирала и тој оглувел. Затоа никогаш не добил службено образование. Големиот научник бил самоук. Многу рано  научил да чита. Најмногу од сè на светот сакал да чита и да биде конструктор. По цели денови читал и се обидувал да пронајде некакви нови откритија. Стругарска клупа, куќички, часовник со тегови, автомобил за играње... 

Без оглед на тоа што бил глув, воопшто не се чувствувал малодушен. Кога Циолковски за првпат се вљубил, ѝ напишал на девојката писмо во кое пишувало: „Олку голем човек како мене, светот нема видено!“ Очигледно немал никаков проблем со самовреднувањето. 

Како Менделеев летал со балон
Дмитриј Иванович Менделеев (1834-1907) – голем руски хемичар, креатор на Периодниот систем на елементи кој во науката предизвика сензација која е еднаква со откривањето на електричната светлина. Националната митологија му го препишува и создавањето на вотката.

На 16-годишна возраст заминал да студира во Москва. Со часови седел во библиотека, бил гладен. Имал 10 рубли месечно. На крајот му тргнало од рака да ги положи испитите за учител по аритметика. Но, ниту тогаш не престанал да пронаоѓа нови откритија. Разработувал бесконечни теории и ги испраќал во списанијата. Најпрво измислил малку чудна теорија за „проблематичната нула“, која ја докажувала бесмисленоста на човековиот живот. Потоа ја разработил теоријата на гасовите и му ја испратил на Менделеев. Менделеев го пофалил младиот научни, но му напишал дека тој ја имал откриено теоријата на гасовите пред 25 години. 

Речиси секојдневно се занимавал со откритија. Во најкус рок ги открил аеростатот, штаките за одење, сигнализација меѓу планетите, сончевото синџирче, ладилник за соба, машина за пишување, сопствен систем мерки, дури и општочовечка азбука. Еднаш сакале да му платат 500 рубли, но поштарот не можел да ја најде неговата адреса. Ни тогаш не добил пари. 

На 30 години Циолковски направил нешто сосема неочекувано за себе – станал писател. Седнал и напишал научно-фантастична повест за Месечината. При што тоа го направил со такви подробности, небаре сам бил таму. Гагарин потоа раскажувал дека она што го видел таму е мошне слично на описите на Циолковски. Дури и бестежинската состојба ја има детално опишано во своите книги. Но, од каде можел да го знае тоа, од каде? 

Никој не го сфаќал сериозно. Го сметале за градски будала. Тој и самиот се однесувал како чудак. Целата своја плата ја трошел на книги и на реактиви. Со децата летал хартиени змејови, се лизгал на лизгалки со чадор. Со чадорот го ловел попатниот ветар со цел да биде побрз. Селските коњи се ваделе од памет од неговиот чадор, селаните, пак, го пцуеле. Но, на Циолковски му било гајле. Тој бил глув и пцостите не ги слушал. 

Циолковски верувал дека неживата материја има душа. Живото и неживото се исто. Смртта не постои, вселената е единствена, граници меѓу световите не постојат... Восхитувачката филозофија на Циолковски понекогаш достига до апсурд, а понекогаш е страшно генијална. Тој, на пример, велел дека идеалната геометриска форма за човекот е топка. Затоа во иднината сите луѓе треба да бидат во форма на топка. Тој, исто така, верувал и во клонирање. Гениј на гениј, талент на талент – така може да се подобри човековиот род. 

Но, кој сега би се сеќавал на Циолковски доколку тој се занимавал само со својата ексцентричност и сувата филозофија? Тој има разработено неколку навистина фундаментални иде. Вештачки сателит на Земјата, повеќескалеста ракета, нуклеарен мотор... Поразувачки е што сето тоа е направено на празно место. Не постои никаква научна база, никаква надеж за остварување на овие идеи... Еден по друг се уривале првите авиони, а тој пишувал: „Уверен сум дека меѓупланетарните патувања ќе станат реалност. Хероите и смелите луѓе ќе ги постават првите воздушни траси: Земја – орбитата на Месечината, Земја – орбитата на Марс и понатаму: Москва – Месечина, Калуга – Марс...“. 

Циолковски на еден свој ученик му се доверил дека разговара со ангели. Ангелите, според неговата концепција, се суштества со највисоко развиен разум, многу посовршени од луѓето. Луѓето во иднина и треба да стануваат ангели. Ќе дојде денот кога човештвото ќе се слее со космосот, ќе стане бесмртно и ќе се трансформира во космичка енергија. 

Тој се шетал по улиците на Калуга со рамнодушен поглед. Понекогаш си седнувал директно на земја и размислувал, се потпирал на стеблото на некое дрво... Отстрана се чинело небаре е дојден од некој друг свет. Или како да е човек од иднината, кој по грешка се нашол во Русија во дваесеттите години на минатиот век.

По смртта, почнале да го нарекуваат татко на советската космонаутика. Неговите идеи ги зел и ги развивал големиот конструктор Сергеј Корољов. Секако, тој би се снашол и без Циолковски. Сите пресметки научниците одново ги направиле. Но, разликата е во тоа што тие биле научници, а тој мечтател. Без него тие немале да успеат. Научници има многу, а генијални мечтатели неколкумина. Такви кои умеат да зборуваат со ангелите на нивниот јазик.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња