Путин за состојбата во Сирија

На прес-конференцијата новинарите се интересираа и за позицијата на Русија во однос на Сирија.

Денешната прес-конференција на Путин беше искористена и за прашања по повод состојбата во Сирија. Новинарот на Associated Press, изрази загриженост Русија да не биде меѓународно изолирана, со оглед на тоа што нејзиниот став, по повод ситуацијата во Сирија, е спротивен од ставот на западот.

Западот е јасен - Башар Асад мора да замине од власт, а различниот став на Русија би можело да доведе до меѓународна изолација.

На ова Путин одговори: „Дали Русија ја загуби својата позиција по повод состојбата во Либија?“ Состојбата и после интервенцијата, смета Путин не е подобра, туку напротив - полоша. „Државата се распаѓа, се води клановска, племенска војна. Резултатот - трагедија, убиство на амбасадорот на САД.“ - рече Путин.

И тоа, според него е резултат токму на таквата западна политика. Русија не е загрижена за режимот на Асад, туку за судбината на Сирискиот народ, првенствено - додаде Путин. „Ние разбираме што се случува таму, промените се потребни - едно семејство е на власт 40 години“, рече тој, со што уште еднаш потврди дека сирискиот режим полека ја губи поддршката и од Русија. 

„Ние се залагаме за таква опција која ќе ја спаси земјата од колапс и непрекината граѓанска војна. Нашиот предлог е да се осигура безбедноста, а дури потоа да се размислува за промена на власта“ - рече Путин.

На крајот на краиштата, како што заклучи Путин: „За судбината на Сирија, мора да си одлучат самите граѓани на Сирија.“

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња