Вака изгледа рускиот јазик во филмот „Борновиот идентитет“.
Кога рускиот гледач ќе види како во определени холивудски филмови се прикажува Русија, тогаш и трилерот се доживува како комедија. Испревртени руски зборови, преувеличени или изопачени руски реалии, карикатурен приказ на луѓето од Русија, непроверени или неточни информации – сетоа тоа не им служи на чест на американските филмови во очите на руските гледачи, особено ако се земе предвид фактот дека Русија од неодамна стана важен пазар за холивудските филмски компании: ѕвездите како што се Том Круз, Вил Смит и Меган Фокс често самите ги носат своите филмови на премиерно прикажување.
Fshf Lshtshfum и Гуљнара Гулина
Излегува дека на Холивуд особено тешко му оди рускиот јазик. На рускојазичниот Интернет се собрани цели колекции гершки, а еден од највпечатливите примери е во филмот „Борновиот идентитет‘‘, каде името на главниот јунак во документите е напишано со „руски букви‘‘: Fshf Lshtshfum. Всушност, би требало да пишува Foma Kiniaev, но авторот на името не сметал дека е потребно да ја замени кирилицата со латиница, ами само го заменил распоредот на тастатурата, надевајќи се дека распоредот на руската тастатура е ист како и на англиската. Јунакот што го глуми Том Хенкс во филмот „Терминал‘‘ во документите се води како Гуљнара Гулина, но и името (женско!) и презимето пред сѐ би одговарало на некоја муслиманка од Татарстан, одошто на маж од Источна Европа.
На Холивуд особено тешко му оди рускиот јазик. В о филмот „Борновиот идентитет‘‘, името на главниот јунак во документите е напишано со „руски букви‘‘: Fshf Lshtshfum.
Изгледа дека често не се посветува доволно внимание на редактурата на текстовите и на зборовите од другите јазици и покрај огромните буџети. „Холивуд прави филмови за себе. За нив нема големо значење тоа што во тие филмови зборуваме со чуден акцент. Зошто воопшто се лутиме? Тие не ги прават филмовите за нас. Па, што ако не ја провериле веродостојноста? Тоа не е криминал. Тие тоа и онака го прават мошне површно‘‘, вели Игор Жижикин, руски актер кој 23 години минал во САД и изгради врвна кариера во Холивуд. На снимањето на „Индијана Џонс и Кралството на кристални черепи‘‘ Игор морал да се расправа со режисерот Стивен Спилебрг, поради тоа што руските јунаци многу лошо зборуваат на руски. Оние што го снимаат филмот, смета Игор, воопшто не размислуваат дека ваквите пропусти го одвлекуваат вниманието, и од нивна страна тука не постојат никакви лоши намери.
Рускиот филмски продуцент Виктор Алисов смета дека извртувањето на рускиот јазик во холивудските филмови е најобично незнаење: „Се добива впечаток дека штеделе на консултанти. Според нив не е неопходно да се троши толку време и ресурси за да се проверат детали. Публиката и онака е подготвена сѐ да проголта. Важно е глумците добро да играат и да има занимливи сцени.‘‘
Американската кинематографија погрешно ги прикажува и нашите сонародници. Ерик Саркисјан, поранешен куратор во Кинотеката при Министерството за култура на Московската област, смета дека стереотипното прикажување на Русија во холивудските филмови е политичка работа. „Зарем е возможно Холивуд да не знае што прави кога во филмот 'Армагедон' го прикажува нашиот космонаут како тежок пијаница во шубара? Таму недостасуваат само мечка и матрјошка!‘‘ Ерик вели дека тоа не е ништо друго, туку иронија и најобично „фолирање‘‘ со кое Холивуд покажува колку е тој самиот важен и како всушност тој нема конкуренција на филмскиот пазар, па може да прави што сака и да поставува свои правила.
Виктор Алисов смета дека холивудските режисери не се виновни за претерувањето во доловувањето на нашите сонародници. „Прикажувањето на Русија во холивудските филмови е директна последица на информацискиот и и медиумскиот порој кој ги заплискува сите жители на САД и има влијание врз нивните ставови‘‘, уверен е Алисов. „Во холивудските филмови само се рефлектира јавното мислење и она што Американците навистина го мислат за Русија. Излегува дека Холивуд е случајна жртва на информацискиот порој. Тие го снимаат она што им се чини точно и она што гледачите од нив го очекуваат. Во нивната глава тоа изгледа како вистина.‘‘
Природен непријател
На ,многумина веќе им е дојдено преку глава од тоа што Русија, комунистите и руската мафија често играат природен непријател на САД. Во „Светец‘‘ еден руски националист и истовремено мафијаш број еден ја дестабилизира состојбата во Русија, за да ја земе власта во свои раце. Во „Претседателскиот авион‘‘ со Харисон Форд, група руски комунисти го грабнува авионот на претседателот на САД со намера да започне нова светска војна.
Меѓутоа, Игор Жижикин во тоа ја гледа само добрата страна. Тој смета дека прикажувањето на Русите како моќна светска сила само го подобрува имиџот на нашата земја во очите на светската јавност. „Нашата земја ја доживуваат како противтежа и ја прикажуваат како непријател. Така е многу поинтересно. Тоа е добар тактички потег: Русија се прикажува како моќен противник. Тоа е сосема исправно, затоа што навистина е светска велесила‘‘, тврди актерот.
Според Виктор Алисов, во многу американски филмови Русија се прикажува како непријател само по инерција, но сѐ поретко, за разлика од периодот на Студената војна. „Штом станува збор за Русија, значи тука е или мафијата или Ка-Ге-Бе – постои таков стереотип. Мислам дека преку филмовите, всушност, се продолжува информациската војна‘‘, вели Алисов.
„Патем, исто така и во нашите филмови во далечните времиња иронично се прикажуваа Германците во негативно светло како ратоборни кловнови‘‘, резонира Ерик Саркисјан. Навистина, руската кинематографија исто така правеше слична грешка, а и денес понекогаш ја прави кога ги прикажува Американците. Таков е примерот со новата популарна серија „Интерни‘‘. Јунакот од Америка, Фил е наивен, правичен и добар. Неговите родители се геј. Во Русија постојано му се потсмеваат и го напаѓаат, од епизода во епизода му прават „заврзлами‘‘, понекогаш и многу груби, и го нарекуваат „Американче‘‘. „Цела колекција стереотипи!‘‘, забележува Алисов. „Додуша, сето тоа е добродушно, но можеби оваа серија е само предвесник на една нова тенденција.‘‘
Пред неколку години списамието „Russia!“ му додели награда на актерот Виго Мортенсен за улогата во филмот „Заклетва“ („Eastern Promises“). Мортенсен е награден за најдобро толкување на руски лик во холивудските филмови. Редакцијата на списанието сметаше дека Виго ја одиграл улогата на бандит-покајник „трогателно и веродостојно‘‘.
Но, сепак, таквите ликови на Руси во странските филмови се вистинска реткост. Заради тоа, кога и да се појави филм во кој ликот на рускиот јунак е длабок, осмислен и доста реален, руските гледачи искрено се радуваат и тој филм со задоволство го гледаат по неколку пати.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче