Руските атлетичари суспендирани од натпреварувањата на МААФ

Русија може да ја пропушти Олимпијадата во Рио и ги губи правата за одржување големи турнири.

Советот на Меѓународната асоцијација на атлетски федерации (МААФ) донесе одлука да ја исклучи Русија од натпреварувањата под етикетата на МААФ. Тоа значи дека руските атлетичари можат да ги пропуштат претстојните Олимписки игри во 2016 година. Исто така, МААФ ѝ го одзеде на Русија правото за одржување големи натпреварувања – етапата од Светскиот куп во брзо одење во Чебоксари и јуниорското светско првенство во атлетика во Казањ, планирани за 2016 година.

„Укинување на наведените санкции е можно единствено во случај да бидат направени сериозни промени од руска страна. Никакви ветувања за Рио-2016“, изјави претседателот на МААФ Себастијан Кое.

На 9 ноември Светската антидопинг агенција (WADA) објави извештај во кој се тврди дека во Русија подолго време постоел систем на прикривање на допинг на атлетичарите. Според зборовите на авторот на извештајот Дик Паунд, на 10 ноември WADA ја запре работата на московската антидопинг лабораторија каде, според извештајот, под контрола на руските тајни служби биле уништени илјадници позитивни допинг-тестови, по што неколку вмешани во допинг спортисти незаконски учествувале во лондонската Олимпијада 2012 година.

Министерот за спорт на Русија Виталиј Мутко ги отфрли обвинувањата на WADA и изјави дека проблеми со допинг нема само РФ и изолација на земјата нема да реши ништо. Исто така, министерот изјави за подготвеност за реформи. „Русија е спортска суперсила, и (антидопинг) стандардите треба да бидат значително подобри отколку во другите земји. Ние сме согласни со тоа и подготвени да ги преземеме сите напори“, го цитира Мутко „Р-Спорт“.

Во врска со извештајот на WADA претседателот на Русија Владимир Путин му наложи на министерството за спорт да спроведе сопствена истрага.  

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња