Путин: одговор на ПРО ќе биде разработка на системи за напад

Претседателот на Русија Владимир Путин одговара на прашања на водителот на каналот „Русија 1“ Владимир Соловјов (не е на фотографијата) во текот на интервју во Сочи, Русија, 10 октомври 2015.

Претседателот на Русија Владимир Путин одговара на прашања на водителот на каналот „Русија 1“ Владимир Соловјов (не е на фотографијата) во текот на интервју во Сочи, Русија, 10 октомври 2015.

Ројтерс
Москва како одговори на системот за противракетна одбрана кој продолжува да се гради, ќе разработува вооружување за напад, кое може да ги надмине кои било системи ПРО, изјави рускиот претседател Владимир Путин. Рускиот лидер уште еднаш повтори дека ПРО на САД е насочен во прв ред против РФ.

Како што изјави Владимир Путин по состанокот за развој на ОПК на 10 ноември, САД и нивните сојузници продолжуваат со изградба на глобалниот систем ПРО, чија вистинска цел е неутрализација на нуклеарниот потенцијал на РФ. „Во повеќе наврати зборувавме дека Русија ќе ги преземе сите неопходни мерки за зацврстување на потенцијалот на стратешките нуклеарни сили“, подвлече претседателот.

Навистина, руското раководство години на ред, фактички почнувајќи од 2001 година (кога САД еднострано излегоа од договорот за ПРО од 1972 година), говори за неопходноста од развивање стратешки сили како одговор на поставувањето на американскиот систем ПРО. Во исто време во Москва постојано се говори дека не постои желба за трка во вооружувањето и за целосна конфронтација со Западот. За неопходноста од избегнување воена конфронтација зборуваше и премиерот Дмитриј Медведев во ексклузивното интервју за „Росијскаја газета“ од 11 ноември. „Планетава преживеа две светски војни. Сосема е очигледно дека за слично нешто не смее дури ни да се помислува“, рече премиерот.

Како што сметаат експертите, изјавата на Владимир Путин тешко дека ќе има некакво влијание врз руско-американските односи, кои сега се наоѓаат во најсложена фаза од времето на завршувањето на студената војна. Според првиот човек на Асоцијацијата на воени политиколози Василиј Белозјоров, зборовите на Путин фиксираат определено постојно статус-кво, а исто така и стремеж на Москва за зачувување на стратешкиот паритет со Вашингтон.

Јарс и Булава

Според Путин, во последниве три години руската одбранбена индустрија има создадено и успешно тестирано низа перспективни системи за вооружување кои можат да решат борбени задачи во услови на ешелониран систем за ПРО. Експертите со кои се консултираше „Руска реч на македонски“ не можеа конкретно да кажат на кои конкретни видови вооружување мислел рускиот лидер, повикувајќи се, меѓу другото, и на тајноста на разработките што се во тек. Сепак тие посочија некои системи кои во последниве години влегоа во вооружувањето, а кои можат да се справат со најпрецизната противракетна одбрана.

Во прв ред станува збор за интерконтиненталните балистички ракети (ИБР) со земно базирање РС-24 Јарс. Ракетната војска со стратешка намена активно се превооружува со системите Јарс. Се претпоставува дека системите Јарс за пет години ќе можат да се справат како со постоечките, така и со перспективните системи за ПРО и ќе бидат основа на руската нуклеарна грипа со копнено базирање. За разлика од својот претходник Топол-М, Јарс има не една, ами три боеви глави. Јарс е помалку подложен на противоракетните системи, тој брз добива на брзина, а неговата боева глава може да маневрира на крајната етапа од летот.

Задачите за справување со системите за ПРО ги решаваат и ИБР со морско базирање Булава. Ракетата може да носи 10 хиперсонични нуклеарни блока со индивидуално насочување, кои можат да ја менуваат траекторијата на летот по висина и по курс. Без оглед на неуспехот за време на првите пробни лансирања, последните тестирања на Булава се покажаа успешни.

Како што забележува независниот воен експерт Константин Богданов, за решавање на задачите за справување со системите за ПРО можат да бидат вклучени и оперативно-тактичките комплекси Искандер-М, чии ракети можат да бидат опремени со боеви глави. Можно е користење и на новите крилати ракети Калибр, чии можности беа демонстрирани за време на неодамнешното лансирање од руските бродови во Каспиското море.

Има средства

Кога станува збор за воздржувањето од нуклеарно вооружување, во РФ активно се финансираат и перспективни разработки. Веќе неколку години во Русија се создава новата тешка течна ракета Сармат кој по неколку години треба да ја замени ракетата Р-36М, која поради својата разурнувачка моќ го доби прекарот Сатана.

На истата средба за развој на ОПК во објективите на телевизиските рамки се виде слајд од раката на еден од учесниците на средбата каде беше укажана концепцијата и роковите за разработка на таканаречените „Океански многуцелни системи Статус-6“. Како што смета Константин Богданов, може да станува збор за некаков вид на ракета-торпедо со нуклеарно полнење која би била лансирана од подводни апарати. Според експертот, овој проект не случајно го привлекол вниманието на медиумите – властите сакале да покажат дека постојат вакви разработки.

Притоа, како што забележуваат експертите, превооружувањето на РВСН и разработката на нови видови стратешки нуклеарни сили тешко дека можат да настрадаат поради економската криза, која веќе доведе до намалување на рускиот БДП. „Стратешките нуклеарни сили се еден од безусловните приоритети. Задржувањето на стратешката стабилност е очигледна задача на Министерството за одбрана и на владата“, изјави за „Руска реч на македонски“ експертот на Рускиот совет за меѓународни работи Прохор Требин, претпоставувајќи дека средства за овие програми во секој случај ќе бидат најдени.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња